Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, одлучи да прогласи за персона нон грата повеќе претставници на Постојаната мисија на Руската Федерација при ЕУ поради, како што рече, ангажман во активности спротивни на нивниот дипломатски статус.
Брисел наведува дека станува збор за 19 вработени во Мисијата на Руската Федерација при ЕУ и дека генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи денеска го повикал рускиот амбасадор во ЕУ да го информира за таа одлука.
-Незаконските и нарушувачки дејства на Русија против интересите и безбедноста на ЕУ и нашите земји членки, вклучително и кршењето на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, нема да останат без одговор. Затоа денеска решив да означам како персона нон грата одреден број функционери на Постојаната мисија на Руската Федерација при ЕУ за ангажирање во активности спротивни на нивниот дипломатски статус, рече Борел.