Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска ќе ги извести шефовите на европските дипломатии за исходот од средбата на лидерите на Косово и Србија во Охрид, на 18 март.
„Договорот меѓу Косово и Србија ќе биде составен дел од европскиот пат за двете страни. Тој ќе биде дел од преговарачкото поглавје 35 за Србија и ќе биде вклучено во документите за нормализација и во барањата за Косово“, рече Борел, пред состанокот.
Тој нагласи дека ЕУ внимателно ќе го следи спроведувањето на договорот, кој сега е обврзувачки.
„Значи, сега тоа е нешто обврзувачко и ќе мора внимателно да го следиме спроведувањето. Двете страни се согласија и се обврзаа да го направат тоа, па ајде внимателно да гледаме како ќе се случи“, додаде тој.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе разговараат за ситуацијата во Украина и за помошта за Турција и Сирија по разорните земјотреси.