Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска во Брисел изјави дека Охридскиот договор меѓу Косово и Србија е целина која мора да се спроведе и дека секој обид да се доведе во прашање тој договор е залуден.
„Да кажам дека секој обид да се доведе во прашање договорот е залуден. Договорот е договорен, тој мора да се спроведе и нема простор за избор“, изјави Борел пред новинарите во пресрет на самитот на ЕУ, каде што ќе ги информира лидерите на ЕУ за последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина на 18 март во Охрид.
„Тоа е една целина, сите страни мора да го спроведат, на холистички начин, а ние внимателно ќе следиме кој спроведува, а кој не спроведува. Би ги советувал да не вперуваат прст кон никого, туку да си ја завршат работата“, додал Борел, пренесува Бета.
Претседателот на Србија и премиерот на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, со посредство на ЕУ, на 18 март во Охрид постигнаа договор за спроведување на анексот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.