Белград и Приштина мора да направат се што е во нивна моќ да ги намалат тензиите, го повтори основниот заклучок од вчерашниот совет за надворешни работи на ЕУ, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, пред денешната средба со албанскиот премиер Еди Рама.
„Двете страни мора да ја деескалираат ситуацијата и да најдат начин напред, врз основа на патоказот што ЕУ им го предложи минатата недела во Брисел“, рече Борел.
Тој потсети на предлогот со кој се бара повлекување на новоизбраните градоначалници од канцелариите во четири општини на северот на Косово во кои Србите го сочинуваат мнозинството од населението, повлекување на специјалната полиција од општинските згради, отстранување на барикадите и итно организирање на вонредни локални избори во тие четири општини со загарантирано учество на српски претставници.
Тој нагласи дека земјите-членки „го губат трпението“ кога се во прашање односите меѓу Косово и Србија.
„Земјите членки се согласуваат дека ситуацијата е итна, тие го губат трпението со ситуацијата која продолжува да се влошува и бараат итни чекори“, категорично изјави Борел.