Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, по вторпат не ја потпишал одлуката за референдумско изјаснување на дојранчани за Казандол и отварање рудници во нивната општина, пишува СДК. Одлуката за референдум, Советот на општина Дојран ја донесе на 19 јуни, откако првата донесена одлука од 12 мај, со оправдување дека немал мандат, не ја потпиша ниту ја објави во службен гласник. Бидејќи со одлуката од 19 јуни не беше опфатен рудникот Казандол кај Валандово, таа беше надополнета на 27 јуни.
Откако одлуката по втор пат не доби потпис од градоначалникот Стамов, Советот денеска повторно заседавал и ја донел истата одлука – референдум во Дојран на 23 јули по две прашања: Дали сте за продолжување со работата на рударскиот комплекс Казандол кај Валандово и Дали сте за отварање рудници за металични минерални суровини во општина Дојран.
Со денешното ново носење на одлука за референдумско изјаснување на дојранчани за евентуално отварање рудници, градоначалникот на општината – Стамов нема право да стави вето и да не ја објави во службен гласник. Истата автоматски стапува на сила, биле информирани советниците од општинската администрација и Државната изборна комисија (ДИК).
Стамов денеска со градоначалниците на Валандово Николче Чурлиновски каде се гради рудникот Казандол, градоначалничката на Богданци Анастасија Олумчева, каде жителите на референдум се изјаснија против рудници но и првите луѓе на Босилово и Василево, држеше прес конференција пред Владата и бараше средба со премиерот Зоран Заев.
-Граѓаните во нашите општини се загрижени и бараат одговор. Загрижени се во однос на тоа дали рудниците ќе загадуваат и бараат одговор дали Владата на Република Македонија ќе продолжи, односно ќе дозволи градење на рудници или рудниците во југоистокот ќе бидат стопирани, рече градоначалникот Стамов.