Борче Крстески од Крушево е геодетски инженер кој своето слободно време го поминува со своето хоби – одгледување на пчели. Идејата за пчеларење ја дал токму тој, и заедно со неговото семејство веќе седум години одгледуваат пчели.
Во својата приказна за „Фокус“, тој истакна дека пчеларењето го практикуваат чисто поради хоби, а не поради комерцијална продажба на медот.
„Целта беше да се најде занимација која нема да пречи на хобито на мојот татко, ловот. Мене ми дојде таа идеја, бидејќи ми било интересно да ги слушам пчеларите како зборуваат за целата хиерархија кај пчелите. Почнавме со пет пчели, кои ги купивме од Ресен. Првата година ги направивме 13. Растевме, до пред две години ги множевме и дојдовме до некоја бројка која е оптимална“, ја започна својата приказна Крстески.
Пчелите си бараат сериозен ангажман и жртва и покрај тоа што обврските околу нив се од март до крајот на месец септември.
„Работата почнува од крајот на март и цело време си има постапки околу третирањата на пчелите. Умирање на стари матици, менување со нови. Тогаш никој не те прашува дали си слободен. Ако семејството изгуби матица, ти го губиш семејството. Треба посветеност и да работиш домаќински“, додава тој.
Нивното пчеларење е фиксно на едно место, додека пак има некои пчелари кои работат со селење на пчелите во зависност од временските прилики.
„В мај и јуни цвета багремот и тие ги носат пчелите покрај автопат. Ние работиме фиксно пчеларење во село Долно Дивјаци, на 870 метри висина. Најважно нешто е климата дали ќе биде успешна годината или не. Треба посветеност и кога ќе има и кога ќе нема мед. Има добри, средни и лоши години. Не може да си пчелар само во добри години“, анализира нашиот соговорник.
Честопати, голем дел од пчеларите се соочуваат со сериозни штети предизвикани од упад на мечка, па така луѓето поставуваат електрична ограда со соларно напојување за заштита. Како што додава Крстески, прилично добро е заграден нивниот пчеларник.
„Првите две години извадовме по две тегли мед, колку за дома. Но, ако си лаком, пчелите нема да презимат. На почетокот сакавме да ги зачуваме сите додека се развијат добро. Во 2019 година беше катастрофа поради климата. Во мај, кога почнаа пупки да се прават на дрвата, падна слана и ги овена пупките. Така пчелите не собраа мед ни за нив“, истакна тој.
Според него, ова хоби не е воопшто евтино и си има фиксни трошоци без разлика на успешноста на годината. Добар стимул, вели, се субвенциите од државата.
„Од старт, додека се обезбедат пчели, опрема, сандуци, гориво, транспортни средства, има високи трошоци. Само за сандуци требаат шест до седум илјади евра. Среќа има субвенции кои се стимул, но не е преголем. Не може да се живее од субвенции. Ако годината е лоша и нема мед, субвенциите не значат ништо“, посочува Крстески.
Неговиот татко е почесто со пчелите, додека нашиот соговорник кој работи во Скопје, секој викенд си доаѓа во Крушево, каде му помага.
„Нашиот мед е чист, не ги храниме вештачки за да има количина. Го продававме по допрен глас. Од лани го брендиравме нашиот бизнис. Според мене најдобар мед е чистиот, без разлика дали доаѓа од планина или поле. Некој повеќе сака ливадски мед кој се препорачува за повозрасни лица, дека е полесен за јадење. Нашите пчели произведуваат темно-кафеав мед. Тој има мало количество на багрем. Се збира од мајчината душица, детелина, магарешки трн, костени и даб. Убавината на нашиот мед е тоа што има мешан вкус“, раскажува тој.
Пчелата е еден од најважните инсекти, кој си има своја специфична хиерархија. Тие функционираат беспрекорно и секоја пчела си има различни задачи во своето друштво.
„Најважно е да има храна и им оставаме мед. Ако друштвото е средно, значи си собрало доволно мед за да презими. Има слаби друштва каде не збираат доволно мед ни за нив. Има јаки кои имаат доволно мед и за луѓето и да им се остави за зимата. Тогаш не излегуваат надвор, освен во некои сончеви денови за да истуркаат починати пчели и го чистат сандакот. Зимно време се топлат на принцип на клопче. Внатрешните излегуваат надвор, надворешните пчели се внатре и само ротираат и одржуваат температура“, објаснува нашиот соговорник.
Крстески вели дека сите пчелари имаат загуби на пчели, што е нормално, додека пак од друга страна, треба добро одржување на друштвата на пчели и создавање на нови матици.
„Повеќе пчели се губат поради слаби друштва и стари матици. Матиците живеат околу три години и како стареат, така им опаѓа продуктивноста. Ако пчелите ја сменат матицата, прават нови кои ќе ја заменат . Ако ги заменат старите матици во јули, тогаш новата ќе има време за да направи армија на пчели и да го зајакне сандакот, за да издржат за зима. Нормално е да загубиш и не е страшно кога ќе се загуби. Тоа зависи и од плечарот. Да не се остава ни многу, а ни малку за да изумрат“, потенцира Крстески.
Пчелата живее 40 дена и собира мед колку една лажичка, додека пак матиците живеат најдолго и се главни во „куќата“.
„Уште од време на несење, матицата во генот одредува дали одредена пчела ќе е работничка, машка пчела, дали ќе биде за други намени. Има пчели кои собираат само вода, кои се чувари на сандакот. Матицата лачи феромон, мирис сопствен и сите пчели во сандакот мирисаат на неа. Кога пчела која нема феромон ќе влезе во друг сандак, тие знаат дека таа не е нивна и ја тепаат, сметаат дека е дојдена да краде. Некои пчели само го чистат семејството, ги туркаат умрените. Кога пчелите ќе проценат дека матицата е стара, тие се спротивставуваат и гледаат дека таа веќе не може да е главна. Новата матица ја тепа старата и го презема сандакот“, додава овој пчелар.
Пчелите се соочуваат и со одредени опасности, покрај временските прилики кои и тоа како влијаат врз нивниот развој и давање на мед.
„Стршлените и ластовиците се најголеми непријатели на пчелите. Стршлените земаат пчела во лет и ја носат да ја јадат. Кога ќе се роди нова матица, таа лета надвор, а машките пчели летаат по неа и ја оплодуваат во лет. И така таа почнува да тежи и се враќа во сандакот. После таа не е во состојба да летне и затоа останува три до четири години во сандак. Многупати ни се случува, млада матица кога ќе лета, никогаш да не се врати. Тоа значи ја изело нешто“, анализира Крстески.
Многу сме слични со пчелите, смета нашиот соговорник. Ние се бориме за храна, така и тие се борат за да имаат за живот. Кога нив ќе им е тешко, ќе им помогнеме ние, а кога ни е нас тешко, ќе ни помогнат тие.
„Има пчелни друштва што се многу агресивни. Ако се појде кај пчелите во два часот попладне во август, кога сонцето е најсилно, нема да те регистрираат дека си влегол. Тие чувствуваат промена на време. Половина час пред да заврне, не сакаат да им се лади леглото. Чувствителни се на мирис и сакаат многу хигиена“, посочи тој.
Тој смета дека има голема недоверба во Македонија за купување на квалитетен мед. Според него, тоа е веројатно заради нерегулираноста во земјава.
„Цената за медот не е одредена. Има конкуренција и тоа е слатко. Во последно време почна и медот да поскапува, но тоа е поради инфлацијата. Цената варира, но ливадскиот мед е поевтин од планинскиот. Мислам дека не сме во состојба да ги задоволуваме потрошувачите низ маркетите од Македонија“, го заврши разговорот Крстески.
Тој за крај порача дека државата мора да најде начин за да ги стимулира производителите, додека пак од друга страна, младите не се заинтересирани за вакво хоби, затоа што според Крстески, истото си бара жртва и тоа им пречи на младата генерација.
Јорданчо Цветаноски