Не знам дали вам ви се чини истото, ама според мојот впечаток, самодекларираните „неутралци“, „неопределени,“ „објективни“ и не знам други какви (минус оние кои се ДПМНЕ, ама преправени во овие категории, за да бидат поефективни во пропагандата) вечито расудуваат за СДСМ и опозицијата по онаа „проклети се ако направат нешто, проклети се ако не направат нешто“ (damn if they do, damn if they don’t).
Па, така:
1. Опозицијата не требало воопшто да учествува на изборите, сега доцна било да оспорува, па не биле консеквентни, па ова, па она. Навистина? Може рака да сечам дека опозицијата да направеше баш така како што велат, први ќе беа што ќе го кокодакаа обратното, дека треба да се излезе, дека не може однапред да се каже, дека се бега, дека е неодговорно, дека граѓаните треба да видат дека изборните не се слободни, фер и чесни, и, секако, пак, дека значи дека опозицијата нема концепт.
Како што беа, впрочем, и реакциите и притисокот кога беше Отпорот (да може некој да има време и да им го следи и анализира тајмлајнот).
2. Опозицијата требало да докаже дека било системска кражба и дека ДПМНЕ партијата ја споиле со државата. Мајката! Ај да ги тргнеме настрана сите нерегуларности што СДСМ и другите партии ги изнесуваат, малку ли е тоа што постојано се информира од „Цивил“, „МОСТ“, од некои од малкуте телевизии што останаа професионални, како Телма? Пустец, фантомски гласачи, злоупотребата на личните карти итн.
А и сиот тој материјал што го делеа, сета изборна пропаганда, сите тие исплати од буџетот, ви треба директен доказ? Не ви е доволно индиректен доказ, не ви е доволна сериозна индиција дека нешто не е како што треба, од каде парите и слично?
Впрочем, мал доказ ли ви е политичкото секојдневие? Мал доказ за „политичкиот карактер“ на властодршците и за што сѐ се способни (индиции, индиции!) ви се 24 декември, сѐ што се случуваше со Центар на локалните избори, ма и што си дозволуваа и кога беа опозиција, она со листите на двојници? Каков тип на доказ сакате? Изјава на Грујо дека сето тоа го прави? Снимен како признава дека сето тоа го прави? По можност дома да ви дојде, да ве погледне в очи, да ве стисне за раче, како секој нормален криминалец што не се крие и да ви каже?
Не сум убедена дека и тоа ќе ви биде доволно, ма in flagranti, жив на дело да го фатат, пак нема да ви биде доволно.
Ќе викате како една моја колешка „моите очи различно гледаат од вашите“. И тогаш маната ќе ја барате, ма самото влакно во јајцето, во опозицијата затоа што обратното ќе ви ја одземе комотната позиција да си ја перете совеста за кукавичлакот, за конформизмот, за кариеризмот, за прикривање на симпатизерството кон власта, а одбивноста кон опозицијата од икс причини, кои , во принцип, немаат врска со политиката, туку со други мотиви, најчесто овие претходно набројаните.
3. Опозицијата била ваква-таква, ова требало да прави, она требало да прави, вакви луѓе, такви луѓе, таква програма, ваква програма, па да ја снемало, да се родела друга опозиција. Аха – е па ајде што чекате кауч -политичари и скриени политички таленти?
Кој ви брани, направете ја таа опозиција, засукајте ги ракавите, трчајте го теренот, заборавете го слободното време, викендите, комоциите, изложете си го умот и умното газе пред јавноста, направете ги вашите совршени програми, стратегии и тактики, големи генијални концепти и – фатете се на борба, убедувајте го народот, мобилизирајте го, дајте покажете ни како се победува ваква власт!
Правите дека има лесен начин, дајте, покажете ни го, ослободете ја земјата! Што би рекле во Англо-саксонија – Put up or shut up или Don’t just talk the talk, but walk the walk! (иако, да се кладам, и во вашите работни средини сте исти такви како за политиката зашто човек што работел со луѓе, организирал нешто, се обидел да креира нешто, да смени нешто и слично во оваа наша средина, не би бил така лесно критизер и не би применувал двојни стандарди за себе, својата работа, своите постапки, грешки, (не)успеси, а други за туѓата работа, онака, во принцип…
А и во критизерството не сте оригинални, што свесно, што потсвесно, сѐ се тоа истите тези од ДПМНЕ-пропагандата.
4. Конечно, разберете веќе еднаш, утувете си во тоа умните, преумните глави – за слобода и демократија не треба да се борат само СДСМ и опозицијата, не е ова фудбалска утакмица, ниту нивно приватно добро, туку треба да се бори секој граѓанин/граѓанка, да си има политички слободи и права, да си одлучува во нормални и фер демократски услови и амбиент. За тоа не ни треба партија , за тоа ни треба ние, секој од нас посебно, да сме граѓани, да веруваме во Уставот, да ги делиме и браниме вредностите проектирани во него од која било политичка сила која ги урива или силува!
Каква е и ќе биде Македонија е право и обврска на сите нас, одговорност на сите нас! Зар само граѓан(к)ите од Центар го разбираат ова?! Затоа, уште еднаш, не туку си наоѓајте оправдувања за себе и за своето спонзорство на „баналноста на злото“, не туку хушкајте опозицијата да се посипе со пепел за сите свои вистински и, уште повеќе, измислени грешки, и фатете го политичкиот простор, бујрум, бидете храбри и ризикувајте, погледнете го режимот в очи и борете се со него!
(Текстот е преземен од фејсбук-профилот на Каролина Ристова-Астеруд со дозвола на авторот)