Борбата во себе: Има ли правилен избор помеѓу „за“ и „против“?

by fokus

Пишува: Катерина Смилева

Секој македонски граѓанин кој се нашол на овој простор во ова време од историјата во недела врз своите плеќи треба да понесе огромна одговорност: да избере помеѓу „за“ и „против“ и да донесе исправна одлука. Но, има ли тука исправна одлука, дали гласањето „за“ е правилно, или пак гласањето „против“? Или можеби нема правилен избор.

Факт е дека со спроведување на Спогодбата со Грција ќе и се отворат повеќе врати на Македонија, влезот во НАТО ќе биде обезбеден, а ќе почнат преговорите со Европската унија. И сето ова ќе придонесе на подобрување на економската состојба, стабилноста и безбедноста.

Факт е и дека Спогодбата со Грција има свои лоши и свои добри страни. Главната негативна страна е што новото име на Македонија ќе биде за севкупна употреба. Добрите страни се потврдата на македонскиот јазик и делумното зачувување на идентитетот.

Но, настрана од анализирањето на Спогодбата, битката во себе за тоа како да се постапи на референудмот во недела создава едно нелагодно чувство и ме изместува од комфор зоната. Да заокружам „за“ европска Северна Македонија или да заокружам „против“ ограничувањето на моето право на самоопределување?

Ако заокружам „за“ ќе и го отворам патот на Македонија за напредок и просперитет (патот ќе биде отворен, а дали ќе тргнеме по него ќе зависи од нас самите). Ако заокружам „против“ ќе останам доследна на своето право на самоопределување и нема да дозволам некој друг да ми наметува како да се вика мојата држава.

Геополитичката поставеност е таква што Грција има моќ името на нашата држава да биде предмет на преговори и штом сме влегле во таа „игра“, сега враќање назад нема. Праведно или не, меѓународната заедница смета дека тој спор мора да биде решен ако сакаме да седнеме на маса со големите играчи. Ако го вратиме целиот процес на преговори на почеток, не верувам дека ќе дојдеме до подобар договор од овој. Какво и да е решението, сегашново или некое друго, нема да биде за славење и тоа треба да ни биде јасно.

До денот на одлука има уште 48 часа, а одговорноста е голема. Толку многу прашања и дилеми за тоа што е правилен избор, а само едно прашање во недела кое заслужува одговор. Било каков, бидејќи точен нема.

Поврзани новости