Шумскиот пожар во Александрополис беснее веќе трет ден и покрај напорите на грчките противпожарни служби, војската и доброволците кои продолжија да се борат со пожарот во текот на ноќта.
Како што јави ЕРТ, седуммина пожарникари се повредени и сега се во добра состојба по укажаната прва помош.
Како што се раздени, во гаснењето на пожарот се вклучија и авиони – четири авиони и четири хеликоптери, кои гаснат активни пожари од воздух, пренесува Прототема.
На терен се 198 пожарникари во 26 екипи и 59 возила, соопшти Противпожарната служба.
Во гаснењето на пожарот се вклучија и припадници на грчката армија, доброволци и локални жители.
Заменик-гувернерот на Еврос, Димитрис Петровиќ, вчера за АПЕ-МПЕ изјави дека напорите за гаснење се насочени кон Нипса, Дорикос и Амфитритис, а се прават напори да се заштити и индустриската зона Александрополис, пренесува Танјуг.