Со донацијата на „боди камерите“ од Амбасадата на САД, кои се наменети за документирање на полициското постапување во остварувањето на работните задачи, како и на двете специјализирани возила за откривање на радиоактивен материјал или радиолошка заштита, едното за Регионалниот центар ЈУГ, а другото за Регионалниот центар СЕВЕР, дополнително се зголемува квалитетот и ефикасноста во работењето на македонската полиција, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки, кој со амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер беше во посета на граничниот премин „Богородица”.
Тој рече дека Владата на САД преку Амбасадата на САД во Скопје е најсилниот партнер и соработник во делот на интегрираното гранично управување низ низа на програми и проекти кои заеднички се интегрирани.
Тој се заблагодари на донацијата и рече дека со тоа се потврдува континуитет на цврсто стратешко партнерство и соработка што ја има меѓу Северна Македонија и САД.
„Ефикасноста на полицијата се зголемува, меѓутоа бројот на случаи коишто се во делот на корупцијата се намалува и за ова треба навистина енергична борба од сите институции. За борбата против корупцијата најважно да имаме след на активности – тоа што ќе го сработи полицијата да го процесуира Обвинителството и Судот, а граѓанинот на крајот да ги види резултатите“, изјави Спасовски.
Амбасадорката Агелер, на македонски јазик, порача дека „соработката помеѓу Северна Македонија и САД покажуваат позитивни и видливи резултати тука“.
„Претставува задоволство да се види во реалност како нашата соработка со Владата и Mинистерството за внатрешни работи има така позитивни резултати за граѓаните на оваа држава. Од 2016 година имаме обезбедено речиси четири милиони долари опрема за поддршка на граничната безбедност. Меѓу оваа опрема, се и „боди камерите“ коишто имаат значајна улога во безбедноста на земјава, како и останатата опрема за која работевме заедно со полицијата и останатите безбедносни служби“, изјави Агелер.
Користењето на „боди камерите“, според Агелер, се еден вид оружје во борбата против корупцијата, но и за заштита на полицијата и граѓаните на оваа држава.
„Стоиме заедно со граѓаните, Владата и министерството и продолжуваме со нашата соработка, што сметам дека е особено важна за безбедноста и просперитетот оваа земја“, изјави Агелер.
По завршување на посетата, министерот Спасовски на покана од амбасадорката Агелер во Дојран, денот го заокружи со поддршка на женското претприемништво, поточно на сопственичка на угостителски објект, како уште една потврда за заедничката заложба за родова рамноправност.