Борбата против режимот мора да почне уште утре!

by lali

Во последните 20 дена имав можност да бидам во 20 општини и градови низ Македонија, од Гевгелија до Куманово, од Штип па се до Охрид. Првиот впечаток е дека ги имаме најлошите автопатишта во Европа. Без разлика дали патувате со автомобил или со автобус, поради лошиот и небезбеден пат не сте во состојба да уживате во природните убавини на земјата.

Во градовите и општините наидувате на гостопримливи луѓе, кои се трудат да ве дочекаат колку што можат подобро. Додека разговарате со луѓето за тоа каков е животот во нивните градови, населби и села почнувате да ги слушате сите последици од груевизмот. Одговорите се речиси исти, без разлика во кој дел од државата се наоѓате.

Прво на што укажуваат луѓето е големата сиромаштија. Огромен број од населението одвај преживува крај со крај. Сиромашно живеат дури и оние кои имаат среќа да се вработени. Мали им се платите, а велат дека животот во последните 2-3 години екстремно поскапел.

Ако разговарате, пак, со социјално загрозените семејства или стечајните работници, тогаш ќе разберете каква голгота проаѓаат тие луѓе. Нивните стравови од извршителите, нивната неможност да купат доволно храна, немањето пари за сметки, лекови и здравствени услуги, дури ниту за погреби кога некој од членовите на нивните семејства ќе почине, ве оставаат без зборови, а со насолзени очи. Страшно е колкав број на граѓани живеат под работ на сиромаштијата.

ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ГРУЕВИЗМОТ

Второ нешто што ќе слушнете од граѓаните е огромното иселување од Македонија. Секој има некој свој член на семејството, роднина или близок пријател кој заминал од земјава и отишол да си ја бара среќата некаде надвор. Некои од населените места веќе изгледаат толку пусто, што почнуваат да наликуваат на оној хорор-филм направен според видео играта Silent Hill.

Не ми успеа да најдам млад човек кој не размислува да си замине од Македонија, дури ниту Скопје не им претставува веќе некаков предизвик, сите посакуваат да се снајдат и да си заминат од државата. Огромно мнозинство од луѓето вели дека од година во година се живее се полошо, а очекуваат дека ќе биде уште полошо. Не треба ниту да ви раскажуваат, незадоволството можете да им го видите во тажните очи и на уморните лица.

Третото нешто за кое разговараат луѓето е дека сите помали градови и населени места имаат по некој локален шериф, кој се однесува како да е семоќен. За нив не важат закони, они биле закон затоа што се дел од власта. Социјалците раскажуваат дека кога има некакви протести или кога се гласа, дека некој од дружината на локалниот шериф знае да им дојде дома или да им се јави и да им каже „Ако те видам на протест ќе ти ја укинам социјалната помош!“. Ова е случај во сите помали места, а социјалците ми го раскажуваа како да се договориле.

Велат дека во помалите места секој се знае со секого, секој знае кој каде живее, затоа оваа форма на притисок е успешна. Големото незадоволство на луѓето се осеќа, огромната сиромаштија се гледа со голо око, за притисоците и заканите ќе чуете во секое место, за последиците од груевизмот има свест. Она што фали е некој на овие луѓе да им даде надеж, јасна перспектива за иднината, да им ја врати довербата, да ги обедини и поврзе, да застане до нив и да почне да се бори заедно со нив.

Знам, ќе речете дека фали многу, и знам дека ќе речете дека е доцна. Дека е доцна- е, но ако со борбата против режимот не се почне утре тогаш задутре ќе биде уште подоцна. Тоа што е доцна значи само дека ќе треба да се оди внимателно и чекор по чекор, затоа што нема да има време за „ај уште еднаш од почеток“, но со борбата ќе мора да се почне.

Ќе речете дека и на луѓето треба да им стане јасно и да не чекаат некој месија да се симне и да им ја заврши работата, и дека ќе мора сами да се борат. Се согласувам дека не треба да чекаат месија, се согласувам дека ќе треба да им стане јасно дека ќе треба сами да почнат да се борат.

Сепак, луѓето знаат да измерат, знаат дека не вреди да се бориш кога си расцепкан и атомизиран. Знаат дека нивните големи битки кога се поединечни, се многу мали за режимот. Нив им требаат сојузници, некој што ќе им помогне да се обединат и да бидат посилни, некој што ќе се бори со нив, заедно за сите нас. Некој што би го носел знамето по кое би се водела борбата на сиромашниот, чесниот и обесправениот. Македонија е убава земја, мора да биде и поубаво место за живеење.

Поврзани новости