Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на групата „Рибља Чорба“, се наоѓа во болница во Љубљана, неговата состојба е критична и приклучен е на респиратор.
Како што сега се известува, Бора имал тешко воспаление на белите дробови и во април годинава, а со таа дијагноза пеел на големиот концерт во Љубљана, на 20 април годинава по повод 45-годишнината од формирањето на групата.
Ова го потврди Тамара Горичанец, водителка на телевизија „Актуел“ од Љубљана.
– Бев присутна на тој концерт. Тоа беше и еден од неговите последни концерти што ги одржа. Беше прекрасно. До последен момент не знаевме дали ќе може да пее бидејќи со тешко воспаление на белите дробови се наоѓаше во Клиничката болница. Тој сепак издржа, излезе на сцена и одржа концерт како да е здрав и млад. Екипата за итна помош цело време беше покрај бината во случај ненадејно да му се слоши. Беше навистина прекрасно, а сега се згрозувам кога ќе помислам – изјави Тамара, а потоа додаде:
– Од дете слушам Рибља Чорба. Иако живее во Љубљана, никогаш немав можност да го запознаам, да се запознаеме. Знам дека многумина имаат и сите ми кажаа дека тој е одлична личност, која сака да разговара со сите. Се надевам дека ќе оздрави и дека ќе можеме да го испиеме тоа кафе – оптимист е водителката.
– Состојбата на Бора Ѓорѓевиќ се влоши, добива висок кислород и не може да се изврши никаква операција – изјави менаџероот Бане Обрадовиќ.
Инаку, на официјалната Фејсбук страница на групата „Рибља чорба“ беше објавено соопштение за неговата здравствена состојба.
– Драги пријатели, поради нарушено здравје, лекарите му забранија на Бора Ѓорѓевиќ да патува и да се напрега поради тешка пневмонија како и влошување на состојбата со хронична опструктивна болест на белите дробови. Секако, како и секогаш, ќе ги победиме болестите и штом Бора се опорави, ќе се видиме на нови собири – пишува на споменатата мрежа.