Рокерот Бора Ѓорѓевиќ (69) и неговиот бенд ,,Рибља чорба” не го одржа вчерашниот концерт во Битола. Настанот беше закажан со почеток од 21 часот на Ракометното игралиште, и го очекуваа голем број на љубители на музиката на Бора.
Тој се огласи со видео порака до јавноста, снимен на аеродром и појасни дека не успеал да дојде во Македонија бидејќи авионот за Скопје не полетал.
-Овде ми е багажот, сакав да дојдам во Битола, но авионот за Скопје не полета! Односно, се обиде да полета, но не успеа. Знаеме дека во Македонија многу луѓе не сакаат, затоа одлучивме концертот да го одржиме во сабота (денес). Ќе биде тоа одличен концерт, за се останато јавете им се на организаторите – порача музичарот.
Пред неколку дена, во ТВ емисија во Србија, тој откри дека живее во Словенија, со третата сопруга Дубравка со која биле заедно седум години, и и посветил книга, но и последниот музички албум.
-Среќен сум што живеев во осумдесеттите години на минатиот век, кога постоеа вистински вредности. Среќен сум и што нема да ја доживеам пропаста која владее во светот.
Немам чувство дека сум стар, но телото ми откажува, тешко одам, па додека пеам се случува да седнам. Но, важно е што се уште пеам. Не пеам со нозете, и духовно сум во пубертет – изјави тој.
Вики Клинчарова