Веста дека фолк ѕвездата Цеца Ражнатовиќ ќа настапи за дочекот на Новата година во Бор, соседна Србија, но и дека тамошните жители јавно порачаа дека не е добредојдена, ги преплави медиумите во соседството.
Имено, откако градоначалникот на Бор, Александар Миликиќ потврдил дека Цеца ќе им биде главна гостинка на прославата на градскиот плоштад, а покрај неа настап ќе има и групата „Кербер”, граѓаните започнале со петиции и апели на социјалните мрежи. Тие повикуваат парите планирани за фолк ѕвездата да се пренаменат за лекување на нивниот сограѓанин, петнаесет годишното момче Данило Марјановиќ, кој боледувал од рак, а за лекување му биле потребни 8.000 евра.
-Наместо на Цеца, дајте им ги парите на болните деца – е апелот кој што граѓани на Бор веќе неколку дена го споделуваат на социјалните мрежи.
Тврдат дека се револтирани, бидејќи неофицијално, настапот на Ражнатовиќ за Новогодишната ноќ изнесувал околу 100.000 евра, односно околу три пати повеќе отколку за обична вечер, и бараат сумата да се искористи во хумани цели.
Во тек се и повеќе јавни анкети на порталите на град Бор во кои жителите се изјаснуваат дали се за или против нејзиното гостување во градот.
Градоначалникот пак, ги смирува сограѓаните дека градот нема ништо да и плати на Цеца, туку настапот бил покриен од спонзори.
-Градот Бор не одвои ниту динар за настапот на Цеца. Концертот и е платен од страна на спонзори и пријатели на градот и тоа е еден убав гест. Ние како град во Новогодишната прослава ќе го имаме настапот на групата „Кербер” кој е платен преку јавна набавка, настапот на Цеца го платија донатори, а за српската Нова година ќе ни пее Мирослав Илиќ, чиј настап го плати компанијата ,,Ракита” – изјави Миликиќ.
За настапот на групата „Кербер” градот одвоил 2,3 милиони динари, а во таа сума бил пресметан и полноќниот огномет.
Настапите на Цеца секогаш го привлекуваат вниманието на јавноста. Покрај тоа што има многу обожаватели и сите концерти и се распродадени во рекордно време, таа често е и мета на критики поради стилот на музика кој за многумина е кич и без никаква уметничка вредност.
Пред четири месеци имаше настап во Кавадарци, за време на општинската манифестација „Тиквешки гроздобер”. За настапот доби хонорар од 39.000 евра, а градот беше преполн со посетители од цела земја.