Поранешната пратеничка Силвана Бонева доби одлободителна пресуда за случајот ,,Друмарина”. Пресудата денеска беше соопштена во Кривичниот суд.
Случајот го отвори поранешното СЈО, а потоа надлежноста ја презеде скопското обвинителство.
Предметот се однесуваше на поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која беше под обвинение за измами поврзани со користењето на патни трошоци.
-Според првостепната, неправосилна, пресуда судот утврди дека Јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое и се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор.
Воедно судот, постапувајќи по службена должност, а по сила на законот, донесе решение со кое се укинува времената мерка – Забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство.
Против првостепената пресуда и решението, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата и 3 дена по прием на решението, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје, информираат од Кривичен.
Бонева, според обвинителството се гонеше бидејќи во периодот од 01 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, „со намера за себе да прибави имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно повторување на исто кривично дело – измама“.
„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници, со што го довела во заблуда овластеното лице да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во вкупен износ од 6.458.551 денари (над 100.000 евра). Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале од Струмица и обратно. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања“, беа тезите на Обвинителството.
Но и покрај овие обвинувања, поранешната пратеничка доби ослободителна пресуда.
В.В.