Бон: Санкциите против Русија се прашање на кредибилитет за ЕУ

by Fokus

Францускиот државен секретар за европски работи, Клеман Бон, претседава со Советот за општи работи на ЕУ денеска, покрај редовните теми неизбежно ќе се наметне и руско-украинската криза, јави дописничката на МИА од Брисел.

Додека министрите за европски прашања се состануваат во Брисел, амбасадорите на земјите членки и министрите за надворешни работи во текот на денешниот ден дебатираат за санкциите што треба да се воведат против Русија, откако рускиот претседател, Владимир Путин вчера најави дека ја признава автономијата на Доњецк и Луганск, спротивно на меѓународното право.

Францускиот државен секретар не сакаше да прејудицира какви ќе бидат санкциите, но истакна дека ЕУ мора прво да одговори цврсто на руската одлука.

-Не ја коментиран природата ниту списокот на санкциите што се дискутираат и што најверојатно ќе бидат донесени денеска, рече Бон пред почетокот на министерскиот совет во Брисел.

Запрашан дали Франција и ЕУ би одговориле позитивно на сигналите од Москва дадени вчера дека Русија сѐ уште е отворена за преговори, Клеман Бон одговори дека Франција и ЕУ “секогаш биле подготвени да преговараат“.

-Претседателот Макрон направи дипломатски напори во неделата, но за жал прекршувањата од страна на Русија значат дека сега прво мора да одговориме со санкции, во прашање е цврстина и кредибилитет, рече тој.

Истовремено, денеска министрите треба да дебатираат за владеењето на правото во Полска, против која се водат повеќе прекршочни процедури од страна на Европската Комисија поради политичко влијание врз судството.

Францускиот државен секретар тврди дека руската криза нема да влијае врз дебатата за Полска, но и дека солидарноста и единството ќе преовладаат во ЕУ.

-Тоа би било подарок за оние кои сакаат да вршат притисок врз нас, тоа што имаме дебати не значи дека немаме капацитет за единство и солидарност, изјави Бон за новинарите.

На истата тема, ирскиот министер за европски прашања, Томас Брн, додаде дека Полска покажала напредок во спорот за владеењето на правото и дека тоа треба да биде поздравено од страна на министрите.

Во случај на војна помеѓу Украина и Русија, Полска би била една од првите држави во ЕУ кои ќе се соочат со бран на бегалци.

Поврзани новости