Амбасадорот на Франција во земјава – Сирил Бомгартнер во изјава за емисијата Трилинг вели дека доколку до крајот на годината не се пристапи кон уставни измени, Северна Македонија не ќе може да пристапи кон следната фаза за членство во ЕУ.
„Тоа значи дека во тој момент ризикуваме да се соочиме со блокада и треба да се има на ум дека се наоѓаме во момент на забрзана политика на проширување и освен Северна Македонија има други заинтересирани земји кандидатки. Тоа е причината поради која имате толку голем број министри и претставници на властите, кои патуваат, особено доаѓаат во посета овде минатата и оваа година, за да ја упатат истата порака. Постои европски моментум, и тој не треба да се пропушти“ – изјави Бомгартнер.
Тој посочи дека голем број европски политички одговорни лица го посетија Скопје во последните месеци, за да потсетат и да истакнат дека решението што беше преговарано и усвоено и денес го поддржуваат сите европејци и сите европски институции.