„Бомбите“ висат и во новиот предлог закон за ЈО

by fokus

Новиот предлог закон за Јавно обвинителство не прецизира дали прислушуваните разговори, односно „бомбите“ ќе се користат како докази или индиции во кривичните постапки што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, а по неговото згаснување ги презеде редовното обвинителство.

Во новото законско решение „бомбите“ се споменуваат само во еден член од преодните и завршните одредби во кој се вели дека материјалите од прислушуваните разговори кои не се предадени како докази во судовите се чуваат во Јавното обвинителство и дека по истекот на три години по правосилното завршување на постапките, ќе бидат уништени.

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе амандмани и ќе предложи „бомбите“ да се користат како индиции, а не како докази.

Пратеничката Нола Исајловска вчера во емисијата „24 Отворено“ не сакаше да ги обелодени амандманите што ќе ги поднесат, но рече дека според неа, правично решение би било „бомбите“ да се користат како индиции, а не докази.

-Се обидуваме да најдеме решение како не би биле злоупотребени во ниедна судска постапка овие нелегално стекнати материјали. Законот за СЈО беше од времен карактер, а тука е Законот за кривична постапка кој треба да се почитува, рече Исајловска.

Во едно од претходните предложени законски решенија беше предложено „бомбите“ да не бидат докази, туку само индиции во предметите што ги отвори СЈО по 30 јуни 2017.

Сепак, и од Министерството за правда и од Обвинителството се воздржани и не прецизираат како ќе се третираат „бомбите“.

-Откако ќе имаме увид во амандманот, Министерството за правда ќе направи консултации и ќе се произнесе, велат од Министерството.

-Откако ќе биде усвоен Законот за јавно обвинителство, Јавното обвинителство во целост ќе ги почитува законските одредби. Не сме во можност да коментираме како би течеле постапките во предметите врз основа на законски решенија кои се уште се во фаза на предлог, одговараат од Обвинителството.

По одлуките на Апелацискиот суд, во судските постапки „бомбите“ беа признати како  докази во предметите на СЈО што влегоа во судска процедура, водени од „големиот јавен интерес“. Во Врховниот суд во 2017 година по иницијатива на дел од бранителите на обвинети во СЈО се отвори расправа околу  ова прашање,но заради распоредот на силите и неможноста на екс-претседателот на највисокиот суд, Јово Вангеловски да обезбеди потребен број гласови,оваа точка никогаш не беше завршена.

Сепка,врховните судии ги ислушаа аргументите на поранешната судијка од Европскиот суд за човекови права и слободи, Мирјана Лазарова-Трајковска која  се повика на судската пракса  од Стразбур и презентираше 35  најразлични пресуди.Наместо заклучок потенцираше дека нелегално стекнати материјали можат да бидат докази во судски постапки,но предложи индивидуален пристап за секој случај.Односно, судечкиот совет во  конкретна постапка да процени дали „бомбите“ ќе бидат прифатени како докази.Сепак, дел од случаите на СЈО може да пропаднат без „бомбите“ како докази, додека во дел од случаите обвинителите имаат собрано доволно докази и без прислушуваните материјали.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости