„Бомбите“, односно материјалите од нелегално прислушуваните разговори СЈО нема да може да ги користи како доказ во предметите „Талир“ и „Империја“, односно во сите случаи кои ги покренале по 30 јуни 2017 година. Ова е утврдено со Предлог-Законот за јавното обвинителство, со кој се уредува и функционирањето на СЈО. Овој Закон помина на Влада, а во наредните денови ќе треба да го помине и собранискиот филтер.
Исто така, СЈО ќе има рок до септември 2020 година да ги слуша бомбите и дотогаш да ги искористи како индиции за сторени кривични дела, но не и како докази.
-Материјалите од незаконското следење на комуникациите Специјалното јавно обвинителство може да ги обработува најдоцна до 15.09.2020 година и истите може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, велат од Министерството за правда.
Оттаму појаснуваат дека бомбите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во Специјалното јавно обвинителство една година по правосилното завршување на сите постапки, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
В.В.