Бомбите на нашето време

by fokus

Денес секој секого прислушува, снима, а по потреба и монтира, режира и измислува афери. Повеќе вистината не се распознава од лагата, вистинското од лажното. Со „бомбите“ се доаѓа на власт, но и се оди од власта, се уценува, рекетира, финансира, збогатува

Звонко  Давидовиќ

Уморен, скршен од целодневна работа си легнува работник, сиот збрчкан од грижи за утрешницата, згрчен и стуткан во својата немоќ. Размислува за тоа како ќе ја плати струјата, кога овој месец мора да го плати и уписот на третиот семестар за синот. Не помага ни тоа што ќерката работи како келнерка во некое кафуле за ситна, смешна дневница, смешна како и неговата плата. Тешко доаѓа сонот на празен стомак и полна глава грижи. Се сеќава на својата младост и сите сништа што младоста ги носи со себе и сфаќа дека поголемиот дел од неговиот живот измина, дека е веќе стар да сонува и да посакува, но недоволно стар за да се надева. Тешко издишува свесен за својот промашен живот, пропуштени шанси, неискористени шанси.

ДВЕТЕ ЛИЦА НА ТРАНЗИЦИСКА МАКЕДОНИЈА

Во исто време, неколку километри подалеку, детиште го паркира своето најново бе-ем-ве пред фенси ноќен клуб и со девојка полна со ботокс поминува покрај вратарите, кои личат на штотуку излезени криминалци од затвор. Се упатува кон сепаре, а келнерката, без воопшто да ѝ се обрати, му носи шише виски и го става на маса. Деколтираната ботокс „пинкаљка“ седнува прва, а детиштето уште неседнато ја полни чашата со виски и во еден здив ја испива.

Надмено ги гледа оние стуткани на коњопоите и тие што висат на шанкот, помислувајќи колку е важен и моќен. Колку ли ќе биде моќен и важен кога нема да го троши џепарлакот што му го дава тато, а кој изнесува колку полугодишната плата на работник , туку ќе троши свои пари заработени од матниот бизнис, кој ќе го наследи од тато. Тој и не помислува на шанси и прилики. Тие и не му требаат, како ни образованието и знаењето, затоа што тој го има својот татко, кој, пак, има џебови полни пари, корумпирани судии и обвинители, поткупени политичари и понекоја „бомба“.

Ова се двете лица на транзициска Македонија, два живота испишани, обликувани и обоени со боите на плурализмот, кој не е ништо друго, освен власт на две партии, кои периодично се менуваат и, кои според резултатите во општеството, се потполно исти. Не владее во Македонија подобриот, туку помалку лошиот, не се гласа во Македонија за подобар живот, туку за помалку лош. На изборите не се нуди програма, туку се набројуваат неисполнетите ветувања на политичкиот противник и неговите криминали, свесно и намерно заборавајќи ги и криејќи ги своите.

Од осамостојувањето, па до денес, политичката борба меѓу двете најголеми политички партии претрпе големи промени и доживеа огромен техничко-технолошки „развој“. Од мегафоните, преку кои неразбирливо се пенавеа засипнатите првенци на партиите, денес можеме да видиме цел сценски настап на партиските лидери, кои потпомогнати со звучници од стотици децибели, го убедуваат народот како се оние другите многу полоши од нив. Сето тоа е пропратено со кореографија и фолклор, на кој и Гебелс би можел да им позавиди.

Наместо билбордите, сега се нижат спотови на сите телевизии, портали и Јутјуб и други канали, а транспарентите ги заменија постовите на Инстаграм и на Фејсбук. Маиците со логото на партиите, запалките и пенкалата, ги заменија со забави, вечери и оброци за гласачите. Се трошат стотици илјади евра наши народни пари, за да нѐ убедат дека со нив помалку лошо ќе се живее отколку со другите, но отчет за потрошеното никој никому не поднесува. За сработеното од ветеното уште помалку.

СЕКОЈ СЕКОГО ПРИСЛУШУВА

Наместо дискредитирање на противникот со збор од партиската трибина, сега се пуштаат „бомби“, кои ја покажуваат недоветноста, нечесноста и политиканството на лидерите и високите партиски функционери. Се емитуваат „бомбите“, кои ја покажуваат бедата и бездната на моралот, деградацијата на животот и општеството, изопаченоста и расипаноста на луѓето, кои ја управуваат државата. „Бомбите“ повеќе не ги создава само тајната полиција, туку и партиските структури, изопачени поединци, потплатени новинари, исфрустрирани морални пачаври.

Денес, секој секого прислушува, снима, а по потреба и монтира, режира и измислува афери. Вистината повеќе не се распознава од лагата, вистинското од лажното. Со „бомбите“ се доаѓа на власт, но и се оди од власта, се уценува, рекетира, финансира, збогатува.

„Бомбите“ создаваат херои и губитници, патриоти и предавници, се создаваат или се укинуваат институции, поради или заради „бомбите“. Од бомбите живеат стотици луѓе, паразитски искористувајќи ја вистината или лагата прикажана во нив.

Денес во Македонија не е важно колку си чесен или способен, не е важно колку знаеш, не е важно ни што е вистина или лага, важно е да имаш или да знаеш да создадеш „бомби“ како единствено мерило на моќ и „вистина“ за заблудениот и оглупавен народ.

Како тргнало и како се пазарат власта и опозицијата за сопствените кожички, не знам дали „бомбите“ ќе бидат доказ во судска постапка, но сигурно знам дека ќе бидат доказ за изопаченоста, моралниот срам, деградацијата и бескрупулозноста на нашето време.

Бомбите на нашето време.

Поврзани новости