Од МВР информираат дека денеска во утринските часови експлодирала бомба во двор во скопската населба Керамидница. Неофицијално дознаваме дека од експлозијата повреден е Раде Трајковски – Штекли.
„Денеска (14.11.2024) во 09.20 ч. во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Ова е трет обид за ликвидација на скопјанецот Штекли. Тој минатата година беше мета на напад во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ во Скопје. Набрзо потоа на својот Инстаграм профил објави стори со раните кои ги добил од куршумите.
Иако официјални информации нема, остануваат прашањата како и зошто Штекли стана мета на напад и што се крие во заднина, со оглед дека скопското подземје „зовре“ последнава година и не престанаа убиствата и нападите меѓу криминалните банди.
Неделникот „Фокус“, во серија текстови, пишуваше за тоа како криминалните кланови влегоа во сурова битка до истребување, па за само неколку месеци се случија четири мафијашки убиства и два напади врз Штекли.
Неговото име во последните години не се споменуваше многу често по медиумите, освен кога беше уапсен и екстрадиран, а не се поврзуваше ниту со последните мафијашки убиства.
Но, сепак, стана цел на напад, што ја откри неговата поврзаност со новокомпонираната група во подземјето „Барон“. Според неофицијалните информации на „Фокус“, за да се разберат причините за нападите врз Штекли, треба да се вратиме многу наназад.
Нашите извори, кои континуирано ги следат активностите на скопското подземје, велат дека наводното обезбедување на казината се најголема причина за крвавата војна, која датира од деведесеттите и почнува кога една група се двои на две – „Беланоца“ и „Дуќанџик“.
Низ годините, така се раѓаат повеќе групи што го бараат своето место, така што тие склучуваат сојузи со други групи во битката за превласт со конкурентите.
Последното прегрупирање, според нашите извори, почнува со разбивањето на моќниот клан „Дуќанџик“, кој заедно со групата од Грчец имаа политички врски со крилото од партијата на власт кое се отцепи и формира, нова политичка партија.
Овие групи, здружени заедно ја имале превласта и во кафулињата, дискотеките, но и во казината. Во прилог на ова, е акцијата на МВР „Безбеден град“ која официјално не се знае кога почнала.
Оваа оперативна активност почна почесто да се споменува по убиството на Жила. „Фокус“ тогаш објави дека на списокот за редовна контрола и претрес на безбедносни интересни лица кои се спроведуваат од единицата „Тигар“ во содејство со СВР Скопје од вкупно 49, дури 47 лица се припадници на картелите „Дуќанџик“, „Грчец“, како и „Бундес“.