Мало кученце од расата малтезер, на околу 5-месечна возраст, завчера било оставено во креветче покрај контејнер, кај спортската сала Расадник, Кисела Вода.
Во тешка здравствена состојба, несовесниот сопственик го оставил кученцето покрај кантите за ѓубре, на минусни температури, а наредниот ден било згрижено во прифатилиштето ЈП Лајка. Од таму првично информираа дека кучето немало микрочип, направени му биле здравствени прегледи и се наоѓало во тешка состојба. Му била укажана прва помош, му била дадена терапија, но интервенцијата била задоцнета. Тоа што сопственикот го оставил да преноќи надвор на минусните температури, предизвикало дополнителен проблем.
-За жал и покрај сите максимално вложени напори кучето го изгуби својот живот денес. Најстрого го осудуваме овој чин на неодговорните сопственици, кои го исфрлиле својот миленик од својот дом во сериозна здравствена состојба. Случајот е пријавен до надлежните органи и очекуваме да се спроведе истрага и сопственикот да одговара за делото- информираа од ЈП Лајка.
Доколку некој има информации за случајот, односно за сопственикот на кучето, да се јави во полиција.
Вики Клинчарова