Болниците се полнат со заразени од Ковид-19, министерот Филипче уверува дека има сместувачки капацитети

by fokus

Во болниците во моментот се лекуваат 405 пациенти заразени со корона вирусот, од активно заболените 2.892 граѓани.

Бројот на хоспитализирани бележи зголемување, односно изминативе недели број на пациенти на кои им била неопходна лекарска помош се движеше околу 350. Па така, пред само два дена, во болниците се лекувале 366 пациенти, што значи дека само за 48 часа биле хоспитализирани уште 39 граѓани, на кои очигледно здравствената состојба им се влошила.

На крајот на август пак биле хоспитализирани вкупно 330 заразени, а на средина на истиот месец бројката била 349.

Бројот на хоспитализирани пациенти, пак, бил повисок кон крајот на јули месец, кога во болниците се лекувале 424 заболени.

Поради трендот на зголемување на заразени но и хоспитализирани пациенти, го прашавме министерот Венко Филипче, дали во болниците има доволно сместувачки капацитети и дали можеби ГОБ „8 Септември“ повторно ќе се претвори во ковид центар?

-Засега има место, спремни сме за повеќе, ни одговори министерот Филипче, додавајќи дека засега ГОБ „8 Септември“ ќе остане со помал број на заразени пациенти.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 9 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 87 пациенти. На кислородна поддршка се 48 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани се 1 дете и 1 мајка позитивни на ковид-19, а хоспитализирани се 6 деца и 6 мајки суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 4, а вкупно хоспитализирани се 37 пациенти. На респиратор се 3 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 18, а во болницата во Штип се 51 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 198, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Валентина Вурмо

Поврзани новости