Дваесет и девет годишна жена во моментот е најмладиот пациент од 144 те болни кои се во ГОБ 8-ми септември поради компликации од Ковид 19. Ја хоспитализирале во многу тешка состојба со масивна пневмонија и извесен период поминала на апарат. Сега веќе не е на одделот за интензивна нега.
Лекарите од болницата ги загрижува големата стапка на смртност, но и клиничката слика на мутираниот вирус кој се повеќе ги напаѓа и помладите кои немаат коморбидитети. Велат дека работат под зголемен притисок со најмалку 150 прегледи дневно во инфективните амбуланти, а слободни кревети нема.
-Доста е раширен вирусот и имаме два типа на луѓе, оние кои веднаш бараат помош и другата група кои не веруваат во вирусот и доаѓаат во болница во крајно тешка состојба, и за жал кај некои и покрај сите напори не успеваме да ги спасиме, вели др. Маја Дуганова, раководител на Инфективно во ГОБ 8-ми септември.
Лекувањето во ГОБ 8-ми септември е од 2 до три недели а најтешко болните поминуваат и по еден месец во болничките соби. Од сегашните пациенти дури 70 проценти се на кислородна поддршка.
-Персоналот е преморен, со крајни напори работиме, но и покрај исцрпеноста продолжуваме да работиме. Апел до матичните да не ги препраќаат тие со лесни симптоми за да имаме простор за оние со тешка клиничка слика, вели Дуганова.
Освен во 8-ми септември полно е и во останатите ковид центри. Во државата на болничко лекување има 1724 пациенти. Од наредната недела според најавите на министерот здравство лекарите ќе можат да ја даваат и новата коктел терапија која лани ја користеше и поранешниот американски претседател Трамп. На располагање ќе има 1500 пакувања. Овој лек помага да не доаѓа до реплицирање на вирусот а кој пациент ќе ја добие ќе одлучува мини кризен штаб.