Израелските тенкови се распоредени околу индонезиската болница во северниот дел на Газа, каде што загинаа 12 Палестинци, а десетици беа ранети, соопшти Министерството за здравство на енклавата.
Израелската војска веднаш не ги потврди извештаите од индонезиската болница, а палестинската новинска агенција ВАФА соопшти дека зградата била погодена од артилериски оган.
Болницата Индонезија, отворена во 2016 година со средства од индонезиски организации, престана со работа како и многу други здравствени установи во Газа. Но, портпаролот на министерството Ашраф Ал-Кидра рече дека внатре имало околу 700 луѓе, вклучувајќи медицински персонал и ранети.
На другиот крај на Појасот Газа, со кој раководи палестинската исламистичка организација Хамас, најмалку 14 Палестинци загинаа во два израелски воздушни напади врз домови во градот Рафа, во близина на границата со Египет, соопштија здравствените власти.
Израелската војска објави соопштение со видео снимки од воздушни напади и војници кои одат од куќа до куќа, наведувајќи дека убиле тројца команданти на Хамас и група палестински борци, но не наведе точни локации.
И покрај континуираните борби меѓу милитантите на Хамас и израелските сили, американските и израелските власти рекоа дека договорот за ослободување на некои заложници во палестинската енклава е се поблиску.
Дел од хуманитарната помош влегува преку преминот Рафа на границата со Египет, каде подоцна се очекуваат 40 камиони со опрема за теренската болница на Емиратите, се наведува во соопштението на граничната служба на Појасот Газа.