Бокс без судија на собраниска комисија

by lali

Кога, при едно рутинско прашување за тоа како оди пишувањето, му се пожалив на еден постар човек за тоа дека кога не се случува ништо е тешко да се напише нешто, ми рече: „Е, да, навистина, ама кога и да ги сретнеш, кажувај им нека направат нешто за да има што да пишуваш?!“

Веројатно со „нив“ мислеше на политичари и такво нешто, но мене ми се допадна дека, освен што ми ја разбра маката, имаше дури и некаков совет за справување со неа. Толку ми се допадна што, ете, во негов стил би сакал и јас да напишам за можното добро од последниот немил настан во Собранието.

ДЕБАТА ЗА БУЏЕТ, ПО УБИСТВА И ЛИСТЕРИЈА, Е ЧИСТА ПРЕМИЈА

Сега треба да признаеме дека ниту јас го аплицирав тој совет, а  овие пратениците од Собранието малку и претераа со правење. Но, тоа е: барајќи малку дожд, ни дојдоа и грмотевици и невреме, ама, сепак, видовме вистинско Собрание. Всушност, видовме некакво Собрание. Всушност, тоа е единственото можно колатерално добро од физичката дебата за математички бројки од Комисијата за буџет.

Имено, доброто може да е само оживувањето на Собранието. Па, дури и само со ваквото привлекување на вниманието кон Собранието дефинитивно напредуваме во политичкото облагородување на јавноста, која веќе беше осиромашена од убиствата и од листеријата.

Кога на ова ќе се додаде дека конечно тоа се случи меѓу пратеници Албанци, и тоа за буџет и буџетски ставки, тоа веќе може да се брои како вистински напредок.

ДЕНОВИ ЛИ СЕ ДЕНОВИ, СОБРАНИСКИ МАКИ ГОЛЕМИ!

Чинам дека токму ваквиот напредок во политичка смисла, со оживување на функцијата и значењето на Собранието, треба да е приоритет на политичките чинители. Сега владејачкото мнозинство нема да биде на раат со олкавото свртување на светлата кон Собранието, иако го има во раце мнозинството, но опозицијата е таа која ова треба да го искористи како момент за враќање на легитимноста на Собранието.

Ова, исто така, нема да им се допадне ни на фирата од неколку бивши опозициски пратеници, затоа што отсега ќе има премногу светла за да можат во иднина тие да одберат каква било улога, како онаа на мрзеливиот од класичниот виц, кој, кога бил запрашан што би сакал да биде, одговорил со „змија“: „Ем да лежам, ем да бегам!“

Исто така, ДПА нема да може да биде и со Собранието во ваква најавена позиција на бојкот, поради тоа што веќе и без тоа во таква позиција е со Владата. Ем не е на власт, ем не е опозиција, па сега нема да може ем да е во Собрание, ем да не е.

ДПА ќе има и поголема мака, во зависност од вонсобраниското третирање на овој собраниски инцидент од страна на ДУИ, затоа што двете страни покажаа дека се навистина сериозни.

СОБРАНИЕ РАЗБУДЕНО СО ТУПАНИЦИ

Затоа мислам дека сега топката е во рацете на опозицијата, која е вон Собранието, но има можност и моментум на некаков начин да го оживее парламентот. Затоа, наместо да враќа за сеирот од 24 декември и погрешно да повлекува паралела со тоа, треба да го искористи овој момент како знае и умее. Погрешно е споредувањето со 24 декември, затоа што тогаш имаше несобраниско физичко истерување од Собранието, а сега само собраниска дебата со недозволиви методи.

Дури спомнувањето многу на црниот понеделник може да доведе до споредба на тепачката на двете пратенички групи, сега, со отпорот на опозицијата тогаш кон, колку и да беа силни сепак беа вонсобраниски, бодигарди и исфрлачи по наредба на Ставрески.

Улогата на сеирџија не е никогаш политички оправдана, тоа се покажа и во примерот што им се случи на ДУИ и на ДПА последователно откако си гледаа само сеир за 24 декември. Затоа опозицијата не треба да ја има оваа улога, зашто тогаш трите политички краци ќе може да се здружат за да ја наместат како гледач во Собранието. Сакаш да гледаш оти стана интересно, еве, не ти наплаќаме ништо, ама дојди и види на лице место?! Или, пак, да ја повикаат да суди и да одбројува, ако сака малку поактивен да ѝ биде сеирот?!

Шегата настрана, мислам дека опозицијата по овој настан може и има политички моментум за да учествува во враќањето на легитимноста на едната од основните институции на државата. А, како ќе го изведе тоа е нејзина работа, нам ни останува само да кажеме дека тоа сигурно нема да биде прифаќајќи ја улогата на нем гледач.

Поврзани новости