Пред голем број на гости, медиумски работници, претставници од повеќе министерства и јавни личности, вечерва во Музејот на современа уметност Скопје, Бојан Јовановски беше свечено назначен за претседател на Меѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории на граѓани.
Во свој препознатлив стил, тој им се обрати на присутните со емотивен говор, во кој се наврати на периодот од својот живот кога бил понижуван и навредуван поради својата искреност, бил жртва на дискриминација поради физичкиот изглед, и порача дека денес понижениот стои гордо и исправено пред сите, со цел за рамноправно и неподелено општество.
,,Од понеделник нашата канцеларија ќе биде отворена, секој добронамерник ќе може да ни пристапи, членството е неформално, а сите телефонски броеви и контакти ќе бидат во функција и објавени на нашата веб страница. Ги повикувам и политичарите да соработуваат со сојузот. Да функционираме здружено, без оглед на припадноста на политичката партија” – изјави Јовановски.
Тој додаде дека веќе имаат изготвено голем број на проекти, со цел да им се помогне на загрозените граѓани, а официјално ќе започнеле со работа на осми јули.
Помеѓу присутните на настанот, кои што имаа свое обраќање беа пратениците Фросина Ременски, Стефан Богоев, в.д. градоначалникот на Струмица Коста Костадинов, народниот правобранител Иџет Мемети, британскиот амбасадор Чарлс Гарет и многу други.
Сите детали околу функционирањето на Сојузот и проектите на кои ќе работи ќе бидат достапни на јавноста од понеделник, на веб страницата на истиот.
Вики Клинчарова