Адвокатот Сашо Дуковски побара од Судечкиот совет во случајот „Рекет“ на неговиот клиент, Бојан Јовановски да му биде укинат притворот. Јовановски повторно побара да му биде укинат притворот поради неговата здравствена состојба и повторно влегоа во клинч со обвинителката во случајот, Вилма Русковска.
Русковска остро реагираше на неговото барање и порача дека не се согласува да му биде укинат притворот.
– Ние не го најдовме обвинетиот во библиотека, туку како бега на граница, рече Русковска.
Обвинетите и одбраната реагираа дека обвинителката се однесува дрско, а потоа Јовановски стана и порача дека државата и судовите тренираат правда на него и случајот „Рекет” го нарече траги-комичен случај.
-Морам пред овој Судечки совет да кажам дека е ноторна лага искажана од обвинителката Русковска дека сум фатен во бегство кога има и докази дека одев во Миконос, Грција, на седумдневен одмор. Вториот факт кој ја побива лагата е дека не сум имал намера да бегам. Кога ми беше определена мерката притвор, обвинителката и тогаш кажа ноторна лага дека ме следеле службите на МВР, дека сум возел 200 на час и дека сум им избегал. Тоа е лага, ниту има снимки ниту видовме докази, рече Јовановски.
Јовановски рече дека му било понудено позитивно решение за пуштање од притвор ако постапел како Зоран Милески Кичеец и како што рече, ако кажел дека Катица Јанева е крива, дека Фросина Ременски земала пари. Обвинителката Русковска побара од судот да го предупреди Боки 13 дека судот не е театарска сцена.
Судијката Васка Николовска Масевска за барањето за притворот на Јовановски ќе одлучи до четврток.
Ф.Ф.С