Бојан Јовановски-Боки 13, обвинет во случајот „Рекет“ денеска пред Апелацискиот суд во Скопје побара да му се укине мерката притвор, за што понуди гаранцијата од околу 146.000 евра, која ја нудеше и претходно, јави „360 степени“. Станува збор за гаранција во недвижности, дуќан во центарот на Скопје и куќа во Тафталиџе со кои гарантира дека нема да избега.
Боки и неговиот адвокат Сашко Дукоски пред второстепениот суд порачаа дека не може како причина за определување притвор да се користи флоскулата „степен на кривична одговорност“ бидејќи тој во моментов не е осуден ниту, пак, да се наведува дека постои опасност од бегство затоа што нема оформено потесно семејство.
Јовановски како причина за укинување на притворот ја наведе и неговата здравствена состојба.
-Во време на пандемија кога полициските мерки се ставени на високо ниво, имате затворени граници и човек кој не сака да бега, сметам дека треба да се уважи нашата жалба за притворот, рече Јовановски.