Осудениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски му испрати писмо на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази и бара да му достави „бомби“ и докази за криминал во највисоките државни структури.
-Јас сега осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, поради тоа што располагам со сознанија и докази за сторени кривични дела од страна на високо профилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата, барам да бидам изведен пред вас веднаш и без одложување, со цел да ги поднесам кривичните пријави и да ви ги предадам сите докази со кои располагам во форма на аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи, се вели во писмото.
Јовановски во писмото до јавниот обвинител бара поднесување кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејства на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување.
Тој најави дека на поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите, а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи.