За жал се знам со Зоран Милески Кичеец од пред 10 години и тогаш беше така развиен и слаткоречив, сведочеше Бојан Јовановски Боки 13 на денешното рочиште за „Рекет“. Кичеец беше исто така обвинет, но по признанието на вина беше осуден на три години затвор.
„Имавме интензивната комуникација, таа се интензивираше што дојде до степен на ваква кулминација за јас да стекнам максимална доверба и еден вид залудување од страна на Зоран Милески. Можам да бидам и поексплицитен, но тука сме сите возрасни и знаеме што значи тоа. Тој ја билдаше довербата кај мене воодушевувајќи ме со неговите познанства”, сведочеше Боки 13, пренесе 360 степени.
Тој зборуваше и дека не сакал средби со Камчев иако Кичеец инсистирал.
„Целта на запознавањето беше да се запре кривичен прогон, компромитација на СЈО и мое загрозување. Тоа го знам од оваа дистанца, од таа дистанца не сум знаел туку сум да седел, пиел и јадел на маса со нив”, рече Боки 13.
Понатаму кога се отворил предметот „Империја“ за кој како што рече Боки, дознал од новинарите во 1ТВ, вечерта Кичеец дошол кај него и рекол дека може да помогне, бидејќи е близок со Катица Јанева.
„Никогаш не направив ниту едно незаконито дејствие зошто не сум можел да влијае на Катица Јанева. Тоа можам да го докажам со пораки во кои ми е кажувано тоа, но доколку ми беше вештачен телефонот”, рече Боки.
Зборувајќи за случајот „Империја“ и за Орце Камчев, тој ја спомена и судијката Добрила Кацарска за која Кичеец му кажал дека е блиска со мајката на Камчев и прави се’ што може да му помогне и дека ургирала за бизнисменот да излезе од притвор.
Понатаму, Боки во неговото сведочење го спомена и Зоран Заев како поранешен премиер.
„Понудив на обвинителството да ги дадам шифрите на Кичеец, поради тоа што се снимал. Понудив и сега ги нудам за да не заврши овој предмет без докази. Она што го знам изворно од Зоран Милески, ми кажуваше каде се’ оделе со Ана Камчева. Со Ана Камчева биле во неколку амбасади и неколку пати во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев. Тогашниот премиер им ветил дека ќе стори се што може да се олесни позицијата и на Камчев и на Мијалков и останатите, за да не трпи многу и бизнис заедницата”, рече Боки.