Бојан Јовановски – Боки 13 денеска преку својот адвокат Сашо Дукоски испрати отворено писмо за кое се вели дека е наменето до Претседателот на Основен Кривичен Суд, Иван Џолев, судијата Софче Гаврилова Ефремова, претседателот на Судски совет на РСМ, Павлина Црвенкова, но и до сите граѓани.
„Укажувам дека јас и другите обвинети лица во постапката не се откажавме, ниту ќе се откажеме од испитување на сведоците Зоран Заев, Стефан Богоев, Мила Царовска, Александар Кирацовски, Горан Сугаревски, Наташа Петровска и други, туку бараме прво да бидат изведени доказите од мојот телефон па потоа да ги испитуваме горенаведените сведоци, бидејки само на тој начин ќе може точно да се утврди фактичката состојба. Сведоците иако сведочат под заклетва пред судот, познавајќи ја структурата на личноста на поедини сведоци нужно е да им се презентираат материјалните докази претходно изведени пред судот.
Со овој грозоморен и крајно тенденциозен чин судот сака да ги амнестира од одговорност Зоран Заев и лица блиски до него. Тоа е однапред договорена агенда, па во тоа име се случува оваа правна рашомонијада, судски театар и незаконито постапување и прерипување на фази во постапката на штета на обвинетите! Воедно, судот безрезервно ја штити Вилма Русковска од сите нејзини незаконски, негативни и злоупотребувачки дејствија и не ми дозволува да ги изведам доказите поврзани со Русковска и нејзиниот тогашен заменик а сегашен виш јавен обвинител Наум Пановски!!!!
Стооопп чесен суде, запрете со вашето насилие од позиција на моќ, стоооопп чесен суде, престанете да бидете продолжена рака на власта, застанете и пробајте барем малку да го обелите црниот образ на македонско правосудство. Погледнете го фактот дека граѓаните имаат најмалку доверба во правосудниот систем. И оние малку чесни судии, за жал, се ставени на столбот на срамот поради сервилните, корумпираните и политички диригираните судски власти!
Апелирам до судијата Софче Гаврилова Ефремова да ја промени одлуката и да дозволи да се изведат доказите од мојот телефон па потоа да се повикаат сведоците и да бидат испитани согласно закон!!!“, се вели во писмото на Јовановски.