По 15 месеци поминати во притвор, денеска од истражниот затвор “Скопје” излезе Бојан Јовановски и замина во домашен притвор. Апелација ја прифати жалбата на неговиот адвокат Сашко Дукоски, кој бараше укинување на притворот поради влошената здравствена состојба на Јовановски.
Од истиот затвор од кој што Боки 13 излезе, на 16 октомври влегол неговиот татко Миле Јовановски, дознава “Фокус”, и тоа за издржување на затворската казна која ја доби за напад на неговиот сосед, свештеникот Виктор Стојчев.
Јовановски беше осуден на 6-месечна казна, а според информации на “Фокус”, Апелациониот суд му ја намали казната на 4 месеци.
Според обвинението, Јовановски на 7 јануари 2017 година физички го нападнал Стојчев по расправија за паркинг место, по што му нанел физички повреди, од кои и скршеница на зглобот на ногата.
Бојан Јовановски пак беше осуден на деветгодишна затворска казна за случајот “Рекет”, а му се суди и за случајот “Меѓународен сојуз”.