Осудениот во случајот „Рекет“, Бојан Јованоски преку медиумите испрати отворено писмо до раководителката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска која и го водеше случајот „Рекет“ со неколку прашања кои и ги поставува јавно, а во кои ги споменува премиерот во оставка, Зоран Заев, Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Зоран Милевски Кичеец.
Во едно од прашањата тој тврди дека Заев го испратил токму него кај поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, сега осуден за масовното прислушување, да преговара за референдумот.
-Одговорете дали Зоран Заев ме испраќа мене кај лицето Сашо Мијалков да преговарам за референдумското прашање, за негово повикување за референдумот и делување против ВМРО-ДПМНЕ и пишување на јавни писма против Мицкоски?! (Одговорот го има во мојата комуникација со Зоран Заев и со Сашо Мијалков, кој подоцна почнуваат лично да комуницираат и да се договараат по сите прашања, а до тогаш комуникацијата одеше преку мене), пишува Јовановски во едно од прашањата.
Тој тврди дека Заев вршел лично влијание и уцена врз поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева за да бидат пуштени од притвор, осомничениот во „Империја“ и обвинет во „Плацевите на Водно“, Јордан Камчев и Мијалков.
-Го имате одговорот во мојот телефон, во мојата комуникација со Зоран Заев на апликацијата WHAT’S APP, каде зборуваме за омекнување на Катица Јанева, на ден 10.11.2018 (сабота), пишува Јовановски.
Исто така тој тврди дека Камчев заедно со Кичеец биле во кабинетот на Зааед, пред да биде отворен случајот „Империја“ и Заев им ветил дека нема да биде гонет Камчев бидејќи тој ја контролирал Јанева.
-Одговорете дали знаете дека токму Зоран Заев му ветил на Камчев и на Кичеец во присуство на „бугарските пријатели“ дека нема да биде процесиран предметот „Империја“ и што договориле за возврат?, прашува тој.
Јовановски е осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“, а во писмото и посакува на Русковска таа да заврши во затвор.
-Инаку, „Вилмич“ (нели така сум ви се обраќал), јас сум добро, во затвор сум, се држам и ако даде Господ, ќе дојдете и Вие еден светол ден, па ќе си ги замениме местата!!!, порачува Јовановски.