Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев денеска оствари работна посета на СВР Велес, каде што имаше средба со раководството на оваа организациска единица, а ќе го посети и Полициското одделение Чашка, во рамки на серијата посети во сите сектори ширум земјава како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.
„Од страна на раководството на СВР Велес бев брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица изминативе три месеци од оваа година ја оценивме безбедносната состојба поволна. За одбележување е намалување за 40% на нарушување на Јавен ред и мир, за првото тримесечје од 2024 година.
Локалните штабови за организирање на фер, слободни и демократски избори функционираат”, истакна Бојмацалиев по брифингот со СВР Велес, додавајќи дека за добрите резултати придонесе подобрувањето на работните услови на вработените, односно реконструкциите на објектите на СВР Велес, Чашка и Кавадарци.
Во оваа прилика Бојмацалиев информираше дека финансиите за бонус плата се обезбедени, но не е исплатена заради распишаните избори, а по завршување на техничката влада ќе започне процедурата за прибирање на податоци и исплатата на бонус плата, која до 2017 не беше исплаќана, а од 2017 наваму се исплаќа.