Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев одговарајќи на новинарско прашање во врска со промената на личните документи на граѓаните, односно дали некој го саботира министерот Панче Тошковски, рече:
„Никој никого не саботира во МВР. Само ќе кажам на дента кога се направи промопредавањето меѓу министерот Спасовкси и министерот Тошковски, стигнаа 50.000 обрасци, пред некој ден стигнаа 20.000 обрасци, значи не се работи за никаква саботажа. До крај на месецот очекуваме поголема пратка и во јуни доаѓа голема пратка која ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат своите лични документи”, истакна Бојмацалиев.
Во однос на прашањето дали може да се влегува во држави од ЕУ со стариот пасош, Бојмацалиев истакна:
„Европската Унија треба да донесе став дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по нашите закони не се во важност. Има одредени држави кои уште ги примаат граѓаните, одредени не, не сакам да лиферувам со имиња, да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат да се сликаат и да земат нова патна исправа. Инаку, до овој момент над 1.300.000 граѓани ги имаат сменето своите патни исправи, што е значителна бројка ако ги земеме предвид сите политички опструкции изминатите три години”, рече Бојмацалиев.