„Мислам дека интересот на Бугарија е да и помогне на Македонија да влезе во НАТО“. Ова го изјави денес премиерот Бојко Борисов на првата паралелна јавна дискусија со Бугарија и САД, на Атлантскиот клуб во Софија, пренесува бугарската агенција БГНЕС.
-За Македонија, се разбира дека договорот за добрососедство, кој очекуваме да го потпишеме во август е многу важен, смета Борисов. Треба како на најблизок сосед и народ да оставиме историчарите да си спорат, но поголемата тема е Македонија во НАТО и ЕУ, смета премиерот. Подобро ли е за Бугарија на нашата граница да имаме држава која е растргната од конфликти?
Договорот за собрососедство треба да тргне и ако него не можеме да го потпишеме, за што друго ќе зборуваме, праша премиерот. Тој зборуваше за влијанието на Србија, на Грција, на САД, на Русија итн. , но „мислам дека интересот на Бугарија е да и помогнеме на Македониjа да влезе во Северноатлантскиот пакт “, потцрта Борисов.
Се радувам од моите разговори со европските политичари. Тие сите се убедени дека Балканот треба да биде стабилизиран, зашто тој е најтешкиот и нестабилен регион од цела Европа, одбележа Борисов. Убеден сум, дека за време на претседателството на Бугарија со ЕУ (идната година – н.з.) можеме да направиме нешто за ова прашање, за проширувањето, а кохезионата политика не треба да запре, категоричен е премиерот.