По подолга пауза од музичката сцена, поп пејачката и ТВ водителка Бојана Скендеровски со новата песна ,,Круна” се враќа на естрадата.
Вели дека долго време се подготвувала за враќањето и внимателно избирала песна која најдобро ќе го отслика нејзиниот живот сега, кога се оствари како мајка и е веќе зрела жена, посветена на семејството и истовремено на семејниот бизнис, продукцијата ,,Скендеровски”.
Бојана е мајка на Искра и Ѓорѓи, кои се појавуваат во спотот за новата песна, а за кои раскажува дека се нејзината круна, која со гордост ја носи.
Со две деца, кои се на возраст од три и еднаипол година, со секојдневната грижа за нив и за домот, и со обврските во продукцијата, таа сепак вели дека во природата на жените е да можат да се изборат со се, да бидат успешни на повеќе полиња и да се справат со секој животен предизвик.
-Јас во душа сум феминист, секогаш се борам за правата на жената. Дали е лесно да се биде жена, мајка, сопруга, да се гради кариера, да се внимава за се што е потребно во домот, да се изгледа добро, да се заработува? Воопшто не е лесно, но, како што минува времето, листата на работи кои се очекуваат од денешната жена постојано се надополнува.
Мојот став секогаш бил дека е многу погрешно сфаќањето дека жената е само за во домот. Колку е тоа погрешно се гледа редовно, со успесите кои жените ги постигнуваат на сите полиња. Би рекла, овој 21-ви век ни донесе многу барања и предизвици кои секоја жена, со тешка организација успешно ги остварува – за ,,Фокус” раскажува Бојана.
Вели дека околу грижата за ќерката и синот подеднакво се ангажирани со сопругот Васко, но имаат и помош од неговата тетка во последните месеци. И околу сите потреби во домот, заеднички се труделе да функционираат беспрекорно, и да се надминат предрасудите околу машка и женска работа, бидејќи и таа, исто како и Васко имала низа на обврски во продукцијата.
-Нормално дека имав откажувања, како што е долгиот сон, поретките средби и кафиња со пријателките, поретките посети на салони за нега и убавина. Но, сепак, се трудам да постигнам се, да изгледам негувано, да заработувам, да бидам посветена мајка, да не недостига ништо. Тајната лежи во добрата организација, а на жените тоа им е вродено, бидејќи со векови наназад се се очекувало од нив, па ги имаме тие можности за прилагодување, за давање на максимум, и на крај на напорниот ден, сепак умееме да бидеме насмеани и задоволни од постигнатото – вели Скендеровски.
Додава дека новата песна доаѓа по пауза од пет години, кога за последен пат настапи на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест” и го освои првото место, но уште од пред две години размислувала за враќање на сцената.
Карантинот го искористила да се посвети на музиката, а ,,Круна” за која вели дека е песната по која трагала подолг период е посветена на сите жени, кои се кралици што во денешницата на својот грб успешно носат голем товар.
-Би им порачала на сите жени, на сите млади мајки кои се соочени со низа на обврски што им се релативно нови, да бидат силни и да си пронајдат време за себе, да бидат самоуверени. Да си го следат сонот, да не се затворат дома, да најдат нешто кое ги исполнува. Ако јас не сум среќна, и моите деца нема да бидат, колку и да е дома средено, колку и да се трудам се да биде беспрекорно. Не е напразно кажано дека среќна жена значи и среќни деца, среќен сопруг, куќа исполнета со смеа и радост – вели Бојана.
Околу забавната емисија ,,Улица Македонија” појаснува дека поради пандемијата е одложена за некои побезбедни времиња, за кои верува набргу ќе дојдат.
-Со емисијата ,,Улица Македонија” паузираме поради пандемијата, преголем ризик ни беше да се впуштиме сега во тој проект, бидејќи сепак, се работи за голема екипа, многу луѓе, контакти, не би сакала никого да изложам на опасност. Ќе има време и за емисијата, повторно ќе се снима и ќе оди во етер кога ќе се смири состојбата со вирусот. Во меѓувреме, тука ми е музиката, која всушност и покрај паузите секогаш беше во мене, само се чекаше на правиот момент и на правата песна. Композиторот Николче Мицевски и текстописецот Сара Пројковска направија одлична работа, ја промовиравме ,,Круна” на мојата Фејсбук страница и веруваме дека слушателите, посебно сите жени, мајки, кралици ќе се препознаат во неа – изјави Скендеровски.
Вики Клинчарова