Со докажана екипа составена од Роберт Билбилов, Ксенија Николова и Александар Ристовски – Принц, поп пејачката и водителка Бојана Скендеровски го изработи својот најнов проект, песна и видео запис, чија промоција се случи вчера на музичкиот канал Јутјуб.
Станува збор за нумерата ,,Зад завесите” за која текстот го напиша Николова, музиката и аранжманот се на Билбилов, а пак режијата за видеото е на Принц.
-Ти, ќе чуеш се и сешто за мене и ќе те боли повеќе.
Ти до мене си седнал, ме слушаш како зборувам.
Имаш прашања по кои гледам дека си само публика.
Еве ти ги двете раце вивни се кон ѕвездите и пушти ме да си плачам сама зад завесите- се дел од стиховите во новата песна на Бојана.
Пејачката секогаш е интересна за јавноста. Позната е по своите многубројни физички трансформации и менување на модните стилови. По подолга музичка пауза, лани се врати на сцената со песната ,,Круна” која им ја посвети на децата Искра и Ѓорѓи.
Тогаш за ,,Фокус” изјави дека имала пет-годишна пауза, која започнала откако на ,,Макфест” го освои првото место. Раскажа дека во меѓувреме се остварила како мајка, станала зрела жена, посветена на семејството и на семејниот бизнис, продукцијата ,,Скендеровски” која ја раководат со сопругот Васко.
-И покрај паузите, музиката секогаш е во мене, само се чека на вистинската песна и вистинскиот момент – ни изјави тогаш Скендеровски.
Вики Клинчарова