Бојан Велевски, актер: Се натпреваруваме со гафовите на политичарите, но нема откажување!

by Fokus

Актерот и стенд-ап комичар, Бојан Велевски во последните неколку месеци е актуелен на социјалните мрежи со видеата што ги објавува, кои предизвикуваат многу позитивни реакции ширум јавноста во нашата земја.

Корона-периодот се чини дека беше многу креативен за Велевски, кој со своите стенд-ап видеа секојдневно ја смее македонската публика. Но, сепак, корона вирусот не беше милосрден ниту за театарската уметност, вели актерот во интервју за „Фокус“.

„Покрај угостителите и уште неколку гранки во индустријата, уметниците можат да се вбројат во едни од најголемите жртви на кризата. Некој ќе рече „седат дома земаат плата“. Да, но тоа не е проблемот на кој адресирам. Овде зборувам за есенцијата на уметничкиот живот. А, тоа е животот на сцена. За животот пред публика и задоволството од аплаузот. Без разлика на парите, тие најчесто за уметниците секогаш се на некое 3-то или 4-то место. Најважно е да создаваш и тоа да биде препознаено“, го започна разговорот тој.

Како што посочува Велевски, видеата кои се објавени на неговата фан-страна, ги планирал уште многу одамна. Короната само ги забрзала работите и тој се прилагодувал на секојдневните новости и случувања од Северна Македонија.

„Барем една мудра мисла слушнавме од политичариве, а тоа е дека „кризата понекогаш може да биде шанса“. Искрено, јас секако планирав да се повлечам од настапите во 2020-та затоа што три цели години наназад имам убедливо најмногу стенд-ап настапи во Македонија, а за сметка на тоа ја запоставив присутноста на интернет. Во продукција направивме проценка дека теренот е презаситен од мене и дека е време да го освежам и проширам јадрото на публиката која ме следи и тој план со видеата на Фејсбук беше веќе подготвен. Короната само ги убрза плановите и секако тематски не пренасочи на актуелните теми“, раскажува актерот.

Низ неговите видеа може да се констатира шегата што ја прави Велевски со политичките фаци и функционерите од Северна Македонија. Нивните гафови, тој ги доживува како конкуренција.

„Македонското секојдневие со сите тековни глупости и апсурдни работи кои го обременуваат обичниот човек, го коментиравме низ серијалот Неделно fAck-ине. Имав и 3-4 видеа на тема ЛИДЕРИ во политиката, како и клипот КАМПАЊА кој беше осврт на изборите. За жал, често мораме да се натпреваруваме со гафовите на политичарите. Глупостите што излегуваат од нивните усти добија на интензитет овие 3-4 години. Така да, се повеќе ги доживувам како конкуренција, отколку како инспирација“, истакна Велевски.

Сепак, ваквите видеа носат и суптилни напади од политичките ботови низ нашата држава, раскажува нашиот соговорник. Но и покрај се, Велевски не се откажува затоа што публиката му дава неверојатен елан.

„Лично се разбира дека никој не ми пристапил. Но, мојата фан страна имаше два сериозни напади. Едниот од ботови на една политичка партија, а другиот многу посуптилен. Напад кој сериозно го ограничи опсегот на фан страната и тоа точно на видеата што ги пласирам. Па, така од 150.000-250.000 прегледи по видео, сега фејсбук ме спушта на 20.000-30.000 прегледи. Според експертите кои ги консултирам, велат дека најверојатно ми ја пријавувале страната голем број на профили и сега сум под мониторинг. Така да, ако ме прашувате дали сум се соочил со притисок или со реакции – да. Не живееме во Шведска. Тоа е. Но, не се откажувам. Одиме понатаму. Публиката е тука и таа ти дава сила да продолжиш“, додава актерот.

Неговата популарност веќе е препознатлива кај луѓето, кои Велевски вели дека тие се најголем подарок за неговата работа. Нивните средби се од витално значење за Велевски, кој зад себе има низа улоги, а некои најмногу го паметат по ликовите на Ице во „Наше маало“, Конде од „Големи и мали“ и Чоко од „Светот има осум страни“.

КАМПАЊА 2020

КАМПАЊА 2020 🇲🇰🇲🇰🇲🇰- Избори некогаш и сега- Дебата- Кој има поглупи спотови- Кој има најглупи спотови- Кај кого се парите- Кој планира кам-бек

Publiée par Bojan Velevski sur Vendredi 17 juillet 2020

„Луѓето кога ми пристапуваат без разлика на возраста се исклучително културни и внимателни. Ми пристапуваат со радост и насмевка на лицата. Тоа е најголемиот подарок за мене. Доволно е што одвојуваат време да застанат и да поразговараме кратко. Тоа му дава смисла на уметникот во неговата креативност , труд и производ“, смета Велевски.

На 13-ти овој месец, Велевски ќе настапи во кафуле во Штип, од каде што почнала неговата стенд-ап кариера. Тој раскажува дека напролет се подготвуваат за нова офанзива.

Стенд-ап како еден вид на хумор, во последните неколку години стана многу популарен кај публиката во Северна Македонија, но и општо на Балканот. За нашиот актер, стенд-ап е најдобар терапевт.

„Отсекогаш сум се воодушевувал на тој инстант хумор. Застануваш на сцена, кажуваш 2 реченици и добиваш аплауз. Инстант смеа, инстант аплауз, инстант адреналин. Нема пролози, воведи, откривање ликови, па заплети, па ај сега да се насмееме. Кога еднаш ќе го почувствуваш тој адреналин, едноставно само бараш повеќе и повеќе. Секој нареден пат сакаш да ја зголемиш дозата, затоа што она што си го почуствувал претходниот настап ти било доволно за до тој момент. Веќе следниот настап сакаш уште и уште повеќе. Затоа стенд-ап-от е најдобриот терапевт за мене, но и за публиката која секогаш се враќа по уште. Ете, затоа“, го заврши разговорот Велевски.

Јорданчо Цветаноски

Фото – Galactic cafe

Поврзани новости