Бојан Маричиќ ќе биде прв вицепремиер во техничката влада што ќе ја предводи Талат Џафери. Ова, како што вели извор од владејачката коалиција, е дел од политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ во пресрет на формирањето на преодната влада за организација на изборите и серијата кадровски и меѓупартиски поместувања на функциите како последица на тоа.
Маричиќ, според најавите, ќе остане и заменик-претседател на Владата за европски прашања, позиција на која е во овој момент. Неговото „унапредување“ во прв вицепремиер, како кадар на СДСМ, е нивелирање на силите во извршната власт, со оглед на тоа што на чело на техничката влада доаѓа Џафери, кој е кадар на ДУИ.
Артан Груби, пак, кој во моментов ја извршува функцијата на прв заменик-претседател на Владата и министер за политички систем, во преодниот кабинет на Џафери ќе биде вицепремиер за политички прашања и министер за политички систем.
Познато е дека како резултат на политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ од 2020 година, во последните сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, премиерот ќе го даде партијата на Али Ахмети, а на претседателското место во Собранието ќе дојде претставник на Социјалдемократскиот сојуз – досегашниот координатор на пратеничката група Јован Митрески.