Бојан Јовановски – Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, екс министерот за внатрешни – Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот, Миле Зачевиќ.
Јовановски поднел пријава и против екс шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал – Вилма Русковска.
Тој денеска беше повикан на прв распит во ова Обвинителство.
Истрагата на ОЈО – ГОКК следува откако Боки 13 поднесе кривични пријави до ОЈО уште во февруари 2023 година.
Јовановски денеска на прес-конференција рече дека на распитот изнел дел од своите сознанија против политичарите и правосудните функционери за кои поднесе кривични пријави, а дел од доказите кои ги поседувал ќе му ги предаде на Обвинителството, по писмен пат.
„Сите мои сознанија ќе бидат материјализирани со докази кои потекнуваат од мојот телефон кој што ми беше одземен при апсењето во случајот Рекет. Станува збор за повеќе кривични дела, злоупотреба на службената положба, злоупотреба на јавни набавки, изборни нерегуларности, незаконско финансирање политичка партија. Освен за злоупотреба на службената положба, обвинителката Вилма Русковска е пријавена и за тортура и примање поткуп“, рече Јовановски.
Најави дека ќе поднесе и нови кривични пријави, но не сакаше да открие против кого.