Петар Богојески од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ реагира дека партискиот врв на чело со Христијан Мицкоски, мора да има став за Гоце Делчев, околу кој се води полемика во македонско-бугарската комисија за историски прашања околу неговата национална свест и идентитетска определба.
„Од кога сум член на ВМРО ДПМНЕ до денес, ние сме најгорди кога се повикуваме на историското наследство на ВМРО, се прогласивме за наследници на Илинденците, на Идејата и Делото на Организацијата, на самиот Грб на Партијата ставивме 1893 – 1990 година… Има ли поголем репрезент на Делото на Организацијата од Гоце Делчев? Има ли позначаен револуционер, во чие име се колнеме и чии наследници се сметаме, ние од ВМРО ДПМНЕ? Од тука е целосно нејасно, во овој историски момент, кога се отвара и ќе се затвори нашиот корен, нашата суштина, нашата “есенција”, да немаме став по прашањето за Гоце Делчев? ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Христијан Мицкоски, сите видни функционери, експерти во областа, да молчат и да немаат став за Гоце Делчев? Да немаат збор, два, да ја одбранат честа на Војводата?“, напиша Богојески на неговиот фејсбук профил.