Сега не е време за критики, сега е време за мобилизација и сите да помогнеме колку можеме и како што знаеме и умееме, вели во изјава за „Фокус“ лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески.
-Ситуацијата е исклучително комплексна, но најважно е да останеме смирени и координирани со државните институции. Да се придржуваме кон сите здравствени и безбедносни препораки, без приговор. На политичарите им препорачуваме да престанат да се занимаваат со политиканство, туку со политики во интерес на државата и граѓаните. Забележливи се низа пропусти, како недостаток на маски и антисептик средства, но тоа е составен дел од целиот хаос во кој се наоѓаат и земјите од регионот и Европа. Искрено се надевам и верувам, дека таа состојба ќе се реши, смета Богојески.
Сепак, тој вели дека она што загрижува е економската криза, кон која, според него, Владата исклучително површно се поставува.
-Мерките кои се промовираат не носат доволна сигурност и оставаат простор за сомнеж. Недостасува вистински пристап во таа насока, кој смело и одговорно ќе се осврне на проблемите на малите и средните претпријатија, особено на оние погодени од мерките на Владата, но и на оние кои имаат надворешни партнери. Убеден сум дека постои простор за алтернативи и предлози, со кои секој од нас може да помогне. Но, за тоа да се случи, Владата треба да покаже капацитет и отвореност, тие предлози да ги апсолвира, констатира и анализира, без разлика на тоа од која политичка групација доаѓаат. Како никогаш до сега, потребно ни е политичко и национално единство на сите нас во земјава. Само така ќе успееме да го надминеме овој голем предизвик, порачува Богојески.
К.С.