Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески денеска се јави со реакција по вчерашните избори. Тој порача дека тие се испокрадени.
-Во ред, не испокрадовте! Да сте живи и здрави! Итаме кон ЕУ… сите заедно, вели Богојески.
Од Македонски концепт велат дека Македонија и граѓаните на Македонија се уште треба да се изборат за нормалност во државата и за демократија, каде секој со секого ќе биде еднаков и ќе има еднаква можност да се докаже.
-Се уште живееме во контролирана демократија и тоа го потврдуваат и резултатите од вчерашното гласање.
Мноштвото од нашите гласови се во неважечките ливчиња, благодарение на соработката на господин Зоран Заев и господин Христијан Мицкоски, да не дозволат по никоја цена факторизација на нормална политичка опција во земјата, без разлика на тоа кој од нив двајца ќе биде победник. За истото, од наша страна до ДИК е поднесен приговор бр. УП110-82 од 16.07.2020 година, со кој бараме увид во сите неважечки ливчиња, со цел да ја констатираме голата вистина за изборни манипулации на овие избори. Во очекување на одговор од ДИК, без голема надеж за праведна одлука од нивна страна, истакнуваме дека сме наполно свесни дека ние живееме во контролирана демократија, во која партиите одлучуваат кој ќе победи, а не ние граѓаните!
Им честитаме на сите нови членови на Собранието на Република Македонија, им посакуваме успешна работа, со желба да бидат вистински коректив на извршната власт, велат од Македонски концепт.