Богојески: Европската иднина ни зависи од европските избори, а на претседателските се надевам на успех на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Петар Богојески од групата реформатори на ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ коментираше на неколку теми поврзани со претстојните претседателски избори. Тој се надева на успех на ВМРО-ДПМНЕ и смета дека бојкотот не е решение.

-Многу значајно е да истакнам дека политичкиот радикализам не е решение за македонското општество. Нема ќар од размислување за минатото. Бојкот на изборите нема да има никаков ефект. Како што народот вистински веруваше во тоа, дека со бојкот ќе го спасат името, а спасија само еден политичар, исто и сега со бојкот ќе направат погрешен чекор. Треба да погледнеме кон иднината, кон европската иднина и сите масовно да излеземе и да гласаме, смета Богојески.

Но, според него, иднината на Македонија во ЕУ повеќе ќе зависи од европските избори, а не од нашите претседателски.

-Европската иднина на Македонија зависи од резултатот на европските, а не од претседателските избори. Не е важно кој ќе биде избран за претседател, важно е тоа да биде направено на најлегитимни и пред се успешни избори. После изборот, секој од кандидатите ќе мора да дејствува во насока кон ЕУ и НАТО. Доколку на европско ниво победи опцијата на еврооптимизмот, на оние кои подржуваат проширување на ЕУ, ние можеме да бидеме комотни. И обратно, вели тој.

На прашањето како гледа на тоа што претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ спомена реформатори и реформи на партијата на централниот митинг, Богојески вели:

-Реформите во ВМРО ДПМНЕ, колку се внатрепартиско прашање, толку се од општествен интерес. Од тој аспект, таа идеја е до тој степен успешно промовирана, што стана нужна за секое раководство на партијата, доколку сака напредок. Во тој контекст и изјавата на госпоѓа Силјановска на централниот митинг на ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Таа е свесна дека без реформи, нема напредок, а без изгледи за напредок нема ниту победа на изборите. Јас се надевам на голем успех на нашата партија на овие избори и во првиот и во вториот круг, а со тоа да биде избегната нова политичка криза во земјава, заклучува Богојески.

К.С.

Поврзани новости