Mинистерството за одбрана му дало отказ на државниот советник Петар Богојески, опозициски лидер на „Македонски концепт“ и дел од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ. Како што тврди Богојески, отказот го добил по покрената дисциплинска постапка против него, поради споделен линк од портал на фан-страница во врска со руско влијание во македонско-бугарскиот спор и во редовите на МПЦ-ОА.
-Отказот е резултат на целосно незаконска постапка, каде извршната власт, партиска комисја, ја презема улогата на судската власт и носи пресуди по основ на вербален деликт. Иницијативата за било која постапка за навреда и клевета може да се процесуира само во Граѓански Суд по основ на Закон за граѓанска одговорност, но никако во институција.
Во случајов, веќе констатиран злоставувач на службена положба и овластување од страна на Комисијата за дискриминација по однос на поплаки од вработени во МО, Драган Николиќ ниту смеел да поведе постапка, бил задолжен странките да ги упати на граѓански Суд, а ниту можел да донесе одлука за одговорност, бидејќи странките ги повлекле поплаките пред да се донесе одлука, вели Богојески за „Фокус“.
Тој најавува кривична пријава против Николиќ, кој според него е одговорен за злоупотреба на службена положба и овластувања.
-Многу сериозно обвинување е еден државен функционер од извршната власт да си преземе улога на Суд и да пресудува со партиско – политичка комисија. Во поглед на воспоставената пракса да се суспендираат надлежните Судови, а за тоа да одлучуваат партиите или партиските врхушки, тоа се викаше на времето “заробена држава”, а денес “хибриден режим”! Заевизмот го надгради и прошири груевизмот, како што на времето тој ја надградуваше Преродбата во 100 чекори. Сега Заев и дружината донесоа “Смрт за сите”!, обвинува Богојески.
Од Министерството за одбрана тврдат дека дисциплинската постапка е завршена во прв степен и дека отказот на Богејски не е конечен.
-Во постапката се утврди дисциплински престап по член 73 став (1), точка 22) од Законот за административни службеници – однесување спротивно на одредбите на Кодексот, односно повреда на член 15 ставови 2 и 3 од Кодексот за административни службеници и член 12 точки 9 и 10 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, велат од Министерството.