Лидерот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески денеска и се обрати на американската амабсадорка Анџела Агелер во врска со нејзините последни јавни настапи и и порача дека Македонија нема да се откаже од целосна интерграција во ЕУ, но и нема да се откаже од себеси.
-Госпоѓо амбасадор, ние сме благодарни за вашите напори, длабоко го почитуваме и поттикнуваме нашето стратешко партнерство, но не сакаме да се брзаме. Ако треба да поминеме низ нова голгота, нека ни биде, но ние нема да се предадеме само врз основа на ветувања. Никогаш нема да се откажеме од нашиот сон да бидеме свои на своето. Ние не ја започнавме нашата интеграција во ЕУ, за да пробаме дали ќе успееме, туку за да успееме! И ќе успееме, но како Македонци од Македонија. Нема да се откажеме од борбата за полна интеграција, но ниту од себе си, вели Богојески.
Тој додава дека и Македонија ги споделува вредностите на граѓанската држава и ја прашува амбасадорката зошто инсистираат на, како што вели, работи кои се против тие наши заеднички вредности.
-Дали вие би го направиле истото со вашиот Устав, со што ќе го убиете граѓанското општество? И Вие и јас знаеме дека Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ без Македонија. Нема потреба од погрешно информирање на македонската јавност, во стилот на антиНАТО активистите, промотори на албанскиот етнички шовинизам. Европска иднина се гради на историска вистина, а не на руска пропаганда. Бугарскиот пат во „француско” пакување е продолжување на антагонизмите од минатото, а не визија за иднината. Останете рамо до рамо со нас Македонците, успехот и наш и ваш, ни е на дофат! Само треба малку повеќе труд и од наша и од ваша страна. Бог со сите нас, ќе светне европската ѕвезда и во Македонија, порачува Богојески.