Богојески: Бројката на заболени покажува дека немаме спас од политичкиот пазар

by fokus

Петар Богојески од Македонски концепт реагира дека зголемениот број на заразени од корона вирус е резултат на политичкиот пазар меѓу двете најголеми партии. Тој смета дека поради партиски интереси и додворувања кај одредена популација, во прашање е доведено здравјето на граѓаните.

-Доста трпиме! Бројката на новозаболени изминатите денови покажува дека немаме спас од политичкиот пазар во земјава. Дека треба еднаш засекогаш сите мерки во државата да важат за сите подеднакво! Политичките партии ја злоупотребуваат политичката моќ, едните зборуваат само за избори, другите го злоупотребуваат МВР, за да создаваат хаос во земјава! Треба да има нула толеранција за непочитување на законите! Само така нема да има поделби. Нема ништо поважно од тоа да бидеме свесни дека сите заедно сме во ова, дека болеста не бира етничка и политичка припадност, дека со пазарање за прикривање очи пред кршење на мерките не правиме никому добро. Станавме заложници на купување политички поени! Да не беше тоа, бројката денеска сигурно ќе беше едноцифрена на заболени. Време е да се свестиме сите и доста трпиме!, смета Богојески.

-Додека некои трпевме дома и ги почитувавме сите препораки, МВР калкулираше и не ги спроведуваше мерките на целата територија на земјата, со што сите не доведе во повторна животна опасност. Сето тоа е ќе повторам, поради партиски калкулации и додворувања кај дел од популацијата. Се сеќавам на онаа несреќна изјава на Гордана Силјановска, каде побара да се укинат мерките за време на верскиот празник Бајрам. Со такво поведение на тие застарени политичари, доаѓаме до вакви состојби. Намерно, со цел да се одложат изборите, дел од структурите во земјава не спроведуваа наредби и мерки и ги загрозија нашите животи. Замислете, поради партиски интереси да се одложат изборите, намерно се доведе во прашање безбедноста и животот на сите нас. Ова заслужува секаква осуда! Не може полицијата да помине во Чаир, да забележи насобрани граѓани, а да не интервенира! На што личи тоа?!? За тоа време сите ние седевме дома и почитувавме се што се побара од нас! Општеството мора да има ред и поредок! Мора да важат сите закони за сите подеднакво и доста трпиме игри на сметка на нашето здравје!, вели Богојески.

Ставот на Македонски концепт е дека изборите треба да се одржат во термин кој го налагаат Уставот и законите, а не политичките лидери.

К.С.

Поврзани новости