Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, Павле Богоевски, изрази разочарување што системот не успеал да го обезбеди осудениот екс премиер Никола Груевски да ја издржува затворската казна.
На денешната седница на Комисијата, на која се одлучуваше за пратеничкиот имунитет на Груевски, Богоевски рече дека се работи за контрадикторна ситуација да се одлучува за притвор на лице кое е во бегство.
-Денеска Комисијата и Собранието се ставени во контрадикторна ситуација. Како пратеник, но и како човек, разочаран сум што нашиот систем не успеа да го обезбеди присуството на Груевски за издржување на затворската казна. Јас лично и јавноста бараме да се спроведе темелна истрага и да се утврди одговорност каде системот потфрлил – рече Богоевски.
Тој додаде дека искуството во овој случај треба да послужи како лекција за да се корегираат, како што рече, недостатоците на системот кои довеле до оваа контрадикторна ситуација. Уште поголем апсурд, рече тој, е тоа што останува претеничкиот мандат на Груевски кој му овозможува пратеничка плата.
Инаку, Собранието на Груевски му го испратило преку меил известувањето дека ќе се одлучува за неговиот пратенички имунитет, а ја известило и пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ која не присуствуваше на денешната седница на Комисијата.